коментира: ЏАБИР ДЕРАЛА
Градоначалникот Шилегов бара да им се одземе надлежноста за инспекција на градби и оваа функција да му се додели на Градот. Така ќе се елиминирале „субјективните слабости кои можеби постојат кај определени службеници во општините за толерирање на дивоградбите“.
Што значи тоа? Дека Градот нема „субјективни слабости“? Со кои аргументи може да нѐ убеди Градот дека тие ги немаат истите „субјективни слабости“ како и општините (во што и не се сомневаме ни најмалку)? Или можеби значи дека скопскиот градоначалник се спрема на кастинг за филмот „Елиот Нес против скопската градежна мафија“?
Ако навистина се спрема некој добар крими-трилер на оваа тема, тогаш во сценариото мора да има и сцени во кои здраво се гази против урбаната мафија, почнувајќи од оние што го започнаа и градеа Скопје 2014, завршувајќи со узурпатори и криминалци во градежништвото. И во политиката…
Е, тоа ќе биде филм!
А за „субјективните слабости“ (читајте: корупцијата) постојат закони кои ја санкционираат корупцијата. Ако им се одземат инспекциите на општините во Скопје, зошто да не им се одземат и на другите општини? Или, тие се општини од втор ред, можеби…
Ако некој сака да стави крај на урбаната и на секоја друга мафија, патот започнува со ставање крај на неказнивоста. Па нека е придружено и со централизирачки идеи, ама не само за Скопје. Така, наместо 80 општински градежни инспекции, ќе добиеме само една. Со или без „субјективни слабости“…