Отворете ги вестите за светот денес – нови локдауни во Англија, локалните власти во Мадрид бараат помош од армијата, во Атина болниците целосно исполнети и пред колапс … Предупредувања, предупредувања, предупредувања до населението дека мора да смени некои навики годинава, дека ниеден систем не може да издржи толкави навалици, дека допрва првпат ќе се вкрстат сезонските респираторни вируси и новиов коронавирус, а уште сега, на топлово време бројките галопираат и покрај тоа што голем дел од луѓето беспрекорно ги почитуваат мерките, ама оној мал дел има капацитет да изонади све. И изонадува, без пардон.
Ах бе, светов, светов …
Се хавариса природата (природно или вештачки, евеее, евеее – сеедно е веќе), ѝ се падна и хаварисано општество, секаде онеписменето, а нас’скано.
Се изнауфилмаа тукашните и сегдешните Карени дека ова е за баш нив некој да ги контролира, покори, хипоксира, десатурира – нив, нив, тие исклучително незаменливи примероци на исклучително незаменливата човекова раса. Тие непокорни примероци кои ете успеале да ги раскринкаат сите возможни и невозможни теории на заговор, така дремејќи си и скролајќи на фејсбук. На фејсбук каде веќе стиснале ај агри во секој момент и без најава, а камоли конкретна согласност, да може да се вклучи и да снима микрофонот или камерата на телефонот. На телефонот без кој не одат ни во веце, од кој дваесет пати во денот го споделуваат секое катче од секоја своја локација, а ликот е веќе толку подробно споделен со секој израз, од сите агли, што секој Марсовец може веднаш да го преземе за маска.
А и баш една комшивка им прати едно забрането видео. Видео кое инаку е широко достапно на милион платформи, се појавува и како реклама кога сакаш да си пуштиш музика, ама ним им рекле дека е забрането, па си веруваат. Не се они ко нас да им веруваат на лекарите, на науката – они веруваат на свои извори.
И затоа, ним некој нешто маски, дистанци, нееееее, нема да дозволат, они чуле секакви спектакуларни зборови и веќе компулсивно ги користат секој ден, секој час. Они се борат, бе, се разбудиле они, па така уште буновни и неориентирани, се борат. Против сѐ што е здраворазумско се борат, ама се борат, бе! Фајт, фајт!
На пример, све е тоа ради вакцините, тоа е тоа кога ќе ги превртиш наопаку причинско-последичните односи бидејќи ништо не разбираш. Не се вакцините ради болестите, не се вакцините одговор на потребата на човештвото да се спаси од болестите, туку обратно е. Измишљаат болести за да ги шитнат вакцините, така? Тие од фарма-мафијата? А хелексите што ги кркаат ко бомбончиња или бетер (пошто за бомбончињата се грижат да не се калорични) тие не се од фарма-мафија, тие се чаролија. Тие не се за профит, тие се за доброчинство за Карените да можат да го из др жат денот и животот кој сами го избрале, во кој се пре среќ ни, пре среќ ни, прес реќ ни, верујте им, едино што мора нонстоп да се анестезираат, креваат и спуштаат хемиски, а без рецепт. Инаку супер им е и сите им завидуваат.
Само не знам претходните пандемии, кога вакцини немало, дали биле целосно измислени, онака една голема лага на историчарите (нели? кај све, па и тоа), или пак биле генерални проби што ги организирале рептилите што патуваат низ времето, за да видат како да ни доакаат нам сега, да знаат како да не’ разболат и осиромашат, пошто тек па разболени и осиромашени ќе бидеме прекорисни, само не знам за што. Ама па кој да се замара со толку прашања или да бара логика – наслушни ја галамата, повтарај го на цел глас тоа што си го чул, а не дочул, расипан телефон ет итс фајнест (секако не разбираш, биологија, хемија, физика; во основно школо на друго си мислел, а и кога ќе ти затребаат тие глупости што се учат бе?) и после ОСЕЌАЈ СЕ – они на тебе, хаааааа, не може тоа така.
Божем се борат против „наметнатиот страв“, но самите секојдневно создаваат анксиозност, параноја, страв, правејќи драма околу измислени причини. Причини кои со површна анализа се откриваат не само како неточни, туку неможни, ама „секој има право на свое мислење“ и „не ми се правете паметни“. Тоа им е валутата за инфлуенсирање, и не е од сега, сетете се на заушките, сетете се претходно, и претходно, и претходно …
Ова е цивилизациски пораз.
Ова е цивилизациски пораз. Намерно или спонтано (омилениот втор закон на термодинамиката) човештвото е во состојба на разгаленост и неодговорност, неразумност но галамџиство без преседан.
Со технологија без преседан за секоја своја „мисла“ и „право на мислење“ да ги сподели у тренутку момента, без задршка, без да се препраша или да провери.
Додека разумниот дел од човештвото бара баланс меѓу здравствените, демократските и економските интереси (сите важни и неопходни), со помалку или повеќе успех, во динамичка и динамична ситуација, она залауфаното седнало во булдожер и гази.
И ако вака продолжи, ќе хавариса се’ што досега издржало. Е тогаш не знам што ќе се прави.
Не знам веќе ни зошто јас пишувам. Ваљда зашто забележувам ситуација во која веќе одвај додржуваат и најсилните, воедно најмеките, најеластичните и секогаш адаптибилни умови, веќе и најжилавите преживувачи се прашуваат „а што сега?“, а „како понатаму“? Па да знаеме дека не сме сами.
И дека можеби треба да научиме малку подобро да се чуваме од инфодемијата, глуподемијата и вечниот порив некому да се помогне.
Во авион (еј авион, кога беше тоа кога летавме секој месец, ако не и секоја недела) фино викаат – маската со кислород прво себеси, не на твоето дете – за потоа да можеш да помогнеш на другите. Така треба и сега, којзнае каква зима не’ чека.
Да си најдеме начин да забележиме кога ни треба помош и да си помогнеме.
И уште еднаш безмерна благодарност до оние што мене ми помогнаа кога нит забележував дека ми треба, нит знаев да побарам помош, во ситуација која не беше ни страшна, ама нели сламката на грбот на камилата … не знаеш кога и како ќе удри и пукне. Затоа е важно да си имаш Луѓе.
А јас, на моја огромна среќа и благодарност, ги имав.
Да се чуваме, да си направиме епидемиолошки и психолошки жив ѕид, а и среќа да имаме – зашто памет веќе не е доволна, при ваква ескалација на ситуацијата.
Фејсбук пост од Јасна Шоптрајанова, пренесен со нејзина согласност.