– Го упропастија и прекинаа пописот во времето на режимот, сега повторно ДПМНЕ прави опструкции да не се направи попис, објави на ФБ претседателот на надзорниот одбор на СДСМ Горан Сугарески, како реакција на, како што вели, бесмислените предлози со кои само се обидуваат да го одложат спроведувањето на пописот.
-Пронајдено е телото на мажот што вчера исчезна во Дренска Река, потврдија од полицијата.Човекот бил уште со двајца други. Сакале да ја поминат реката со џипот. Реката го завлекла џипот. Другите двајца се спасиле.
–Последниве денови полека се намалува бројката на новодијагностицирани случаи позитивни на коронавирус, но и бројот на лица кои се на болнично лекување. Се регистрираат и голем број оздравени лица, често пати повеќе од бројката на новозаразени.
–Советот за реформи во судството денеска треба да ја потврди методологијата за прочистување на правосудството. Овој поцес, како што најави министерот за правда Бојан Маричиќ е примарен за враќањето на довербата на граѓаните во системот. Сите оние судии или обвинители, како што рече Маричиќ, кои незаконски постапиле, направиле прекршувања во постапките, намерно ги одложувале или нестручно постапиле ќе бидат исфилтрирани од правосудниот систем. Посебен фокус, како што додаде, ќе биде ставен на случаите на висока корупција и организиран криминал.
-Нови 200 професионални војници од денеска се приклучуваат во редовите на Армијата на Република Северна Македонија.Во касарната „Илинден”, ќе бидат свечено поздравени од министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.
-Oд денеска почнува етапната исплата на декемвриските пензии. Ќе биде извршена исплата на пензии со висина до 11.000 денари, утре вторник ќе бидат исплатени пензиите во висина од 11.001 денари до 14.000 денари, во среда, на 30.12.2020 година, исплата на пензии во висина од 14.001 денари до 18.000 денари, додека во четврток, на 31.10. 2020 година, исплата на пензии во висина над 18.000 денари.
-Раководителката на Институтот за педагогија Јасмина Делчева- Диздаревиќ е шокирана од критиките кои дојдоа од колегите од нејзината фела на сметка на нацрт концепцијата за основно образование, и застанува во одбрана на истата. „Како ќерка на еден од првите учители во Пиринска Македонија, никогаш не би се заложила за бришење на историјата во полза на Бугарија”, вели, додавајќи дека со новиот концепт професорите по историја ќе имаат можност да понудат изборни предмети, и уште повеќе да ги заинтересираат и научат учениците за историјата.
-Шефицата на Сеизмолошката служба на Хрватска, Инес Иванчиќ, ги предупреди граѓаните на можноста од нови земјотреси во наредните часови и денови во областа Петриња и Сисак, после земјотресот што се случил утрово.
-Клиничката болница „Жан Митрев“ од денеска повторно почнува со секвенционирање на SARS-CoV-2 примероци. Целта е утврдување на можно присуство на мутирани соеви од овој вирус кај македонски пациенти, после појавата на нов вирусен субтип со зголемена преносливост во Велика Британија.
-На вториот ден од вакцинацијата на Кипар, рано утрово вакцината против Ковид-19 ја прими претседателот на државата Никос Анастасиадис.Двајца повозрасни граѓани згрижени во дом за стари лица и директорот на домот беа првите кои ја примија вакцината на Кипар.