Наша цел е да покажеме дека онаму каде што не се почитува закон мора да има казни. Чесните пак, никој не смее да ги малтретира и да им висат инспекции, изјави вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски. Според Николовски, оваа година ќе се посвети на тоа, да има правда за сите.
Министерот за правда Бојан Маричиќ и амбасадорот и шеф на делегацијата н ЕУ во земјава Дејвид Гир денеска ќе одржат онлајн презентација на проектот „Поддршка на процесот за реформа на правосудството“. Воедно, ова е прва конференција на министерот Маричиќ во новата година.
Владата на вчерашната седница ја прифати Предлог-програмата на Министерството за здравство за задолжителна имунизација на населението во Северна Македонија за 2021 година. Во програмата се опфатени возрасните групи подложни за пoeдини вакцинации, видот на вакцини кои се даваат и начинот на давање, календарот за имунизација на деца од нула до 18 години и Календарот за „catch-up“ имунизација за нередовно вакцинираните деца од пет до 18 години. А од утре, за Србија ќе се патува без задолжителен ПЦР тест.
Во наредниов период властите во Скопје ќе ги разгледуваат коментарите што пристигнаа од Софија на македонскиот предлог Акциски план, по што ќе биде изградена јасна позиција на земјава во обид за враќање на довербата меѓу Северна Македонија и Бугарија и одблокирање на нашиот европски пат. Специјалниот пратеник за Бугарија, Владо Бучковски вчера нагласи дека секоја негова службена комуникација на релација Скопје – Софија е во функција на предложениот Акциски план од наша страна.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи утре ќе оствари работна посета на Грција, на покана на својот домаќин, шефот на грчката дипломатија Николаос Дендиас. Предвидено е потпишување на неколку меѓународни документи, со кои дополнително ќе се збогати договорната рамка меѓу двете држави.
Грчкиот премиер Мицотакис вчера предложи воспоставување на потврда за вакцинација на ниво на ЕУ, како би продолжило прекуграничното патување кое е погодено од пандемијата на коронавирус. Микробиологот и професор Никола Пановски смета дека оваа идеја не е добра бидејќи можно е бидат загрозени човековите права.
Бугарија ја направи темата за проширувањето крајно видлива во Европската унија, но се покажа дека е невозможно во оваа фаза да каже „да“ за рамката за преговори со Северна Македонија, затоа мислам дека емоциите мора да се смират, и во Скопје и во Софија, и да се најде решение, вели бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.
Одложени рочиштата за предметите „Таргет- Тврдина”, и „ Моќник”. Судењето за случајот „Моќник“ се одложува за 25 јануари поради неприсуство на еден од обвинетите поради КОВИД-19, а влошената здравствена состојба на обвинетата Надица Николиќ, го одложи денешното рочиште за судскиот предмет ,,Таргет- Тврдина”.
Поставеноста на монетарната политика е соодветна на макроекономските услови, е најновата оценка на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка. На седницата одржана вчера заклучено е дека засега тековите се стабилни и дека последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата.
Македонскиот кандидат за Оскар за 2021 „Врба“ на Милчо Манчевски ќе игра во кината, на ТВ и на стриминг платформите низ САД, во дистрибуција на „Кино Лорбер“, еден од најреномираните дистрибутери на уметнички филмови во САД. „Врба“ пред американската публика ќе се прикажува во текот на 2021, и ќе продолжи во 2022 и 2023.
Веб платформата Јутјуб соопшти дека го суспендирала каналот на американскиот претседател во заминување Доналд Трамп бидејќи го прекршил правилото за корисници, со кое е забрането поттикнување насилство, по минатонеделниот упад во Конгресот на САД од страна на неговите приврзаници.