26 февруари 2020 година. Денот кога најголемите стравови на македонските граѓани станаа реалност. Короната е тука, меѓу нас. Сите слики за хорорите, умирачки, трагедии кои ѝм се случуваа на Кина и дел од Европа, се вртеа низ мислите на македонските граѓани. Потврден е првиот случај на коронавирус во земјава. Првата македонска државјанка заразена со коронавирус, според податоците на здравствените власти, со комбе допатувала од Италија- тогашниот епицентар на коронавирус во Европа.
„Стигнаа резултатите за пациентката којашто денеска во раните утрински часови беше хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести. Пациентката е позитивна за вирусот Ковид-19, што значи дека таа е првиот пациент во Скопје дијагностициран за заболена со овој причинител“, изјави министерот Венко Филипче на 26 февруари 2020 на прес конференција.
Затворање на училишта и градинки
Комисијата за заштита од заразни болести на седница на 10 март заклучи дека е потребно проширување на мерките за заштита од коронавирусот. Таа препорача сите градинки, училишта и факултети да бидат затворени во следните две недели.
Исто така, беа забранети сите масовни собири на отворено и на затворено, а сите спортски собири да бидат без публика. Се воведе задолжителна самоизолација за сите лица што доаѓаат од високо и средноризични држави во период од 14 дена.
Градинките почна со работа повторно од 9 септември, според посебни протоколи и со помали групи. Градинките не работеа од март до септември.
Новата учебна година стартуваше еден месец подоцна, на 1-ви октомври
Учениците од четврто до деветто одделение, средношколците и студентите учат онлајн, а помладите од прво до трето одделение одат на училиште или учат од далечина, по сопствен избор. На училиште се почитуваат протоколи, наставниците и децата носат маски, сместени се на пропишано растојание и задолжително се дезинфицираат на влез и излез од училиштето.
Кога пристигнуваат на децата задолжително им се мери телесна температура. Доколку едно дете од одделението или групата се зарази со вирусот, сите одат во изолација.
Администрација и работа од дома
Голем дел од админстрацијата која или не работеше или работеше од дома на 23 септември се врати на работа. На работа се вратија и дел од хронично болните лица.
Сè уште има вработени во јавниот или приватниот сектор кои ротираат или работат од дома како би се спречило ширењето на заразата.
Прв смртен случај од Ковид-19 во Северна Македонија
Министерот за здравство Филипче, на 22 март 2020 година соопшти дека е потврден првиот смртен случај како последица на коронавирусот.
„За жал, го имаме и првиот смртен случај од коронавирусот кој посмртно во Куманово беше дијагностициран доцна синоќа. Се работи за жена којашто имала 57 години. И двата теста иницијално покажале негативен резултат, но и покрај негативните резултати поради тоа што болеста била типична за коронавирусот таа била третирана во изолација. Тој период на хоспитализација траел изминатата недела во Општата болница во Куманово, а брис е повторно земен по констатација на смртта вчеравечер и тој бил позитивен“, информираше министерот за здравство Филипче.
Мерки, препораки, протоколи, полициски час, карантини
Согласно препораките на Светската здравствена организација, уште за време на претходната, техничка влада, почнуваат да се применуваат трите основни мерки за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот.
Заштитна маска на лице која ги покрива устата и носот, физичко растојание од два метри и темелно миење на рацете си антибактериски средства или дезифициенси.
Полициски час: Претседателот на Владата на Република Северна Македонија на 22 март 2020 имаше вонредно обраќање по повод воведувањето ограничување на движењето на сите граѓани (полициски час).
„Од утре, недела, 22 март, се забранува движење на населението во периодот од 21 до 06 часот секој ден! Нема компромис кога е здравјето на граѓаните во прашање, мерките мораме сите да ги почитуваме, само така ќе си ги спасиме народот и државата“, изјави тогашниот премиер на техничката влада, Оливер Спасовски.
– На 19 март беа забранети јавни собирање на повеќе од петмина, а од 22 април носењето заштитна маска на отворен простор стана задолжително.
– На 12 мај престана мерката со која се забранува движење на населението, една недела подоцна почнаа да работат летните тераси на кафетериите и рестораните, а на 23 мај беа отворени гарниците.
-Поради есенскиот бран и зголемениот број на новозаразени Владата донесе нови мерки и протоколи и од 4 ноември баровите работеа до 21 часот.
-Од 18 декември до 20 јануари, или околу новогодишните празници, рестораните работеа само до 18 часот. Свадби и веселби се забранети а тоа поттикна неколку протести на угостителите.
Казнувани се оние кои ги прекришиле законите или не ги почитувале мерките за заштита и спречување на ширењето на Ковид 19.
Претседателот Стево Пендаровски неколку пати прогласуваше вонредна состојба во 2020 година.
Предвремени парламентарни избори во време на пандемија – Патувачка гласачка кутија
Власта и опозиција конечно се договорија. Предвремени парламентарни избори но во многу поинакви услови, не по вообичаениот тек. Се гласаше по посебни протоколи, со задолжително носење на заштитни маски.
За првпат се гласаше во период од три дена, за првпат и среде недела, и тоа со посебни мерки за заштита како за граѓаните, така и за членовите на избирачките одбори.
В среда, на 15 јули, гласањето траеше до 21 часот за да се избегнат турканици на гласачките места, и да им се остави на граѓаните повеќе простор и време слободно да ја изразат својата волја.
На 13 јули, гласа болните од ковид-19 и лицата во самоизолација. Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), Општинските изборни комисии (ОИК) прифатиле 716 барања од лица позитивни на коронавирусот или во самоизолација за денот наа гласањето.
Прв и втор бран
Иако во текот на мај и јуни бројките на заразани растеа, сепак најтежок период во однос на Ковид -19 беше есента. Бројките на новозаразени и починати се зголемуваа од ден во ден во текот на месец ноември, а на здравствените власти ѝм беше потешко да ги следат кластерите на заразени. Веселби, крштевки, мекици и погреби беа честа причина за раст на новозаразени.
По потреба, беа отворани модуларни болници, ковид центри во повеќе градови каде имаше потреба, а најфрекфенти во однос на пациенти беа Клиниката за инфективни болести во Скопје како и ГОБ „8 Септември“ која е ковид центар. И детската клиника за белодробни заболувања Козле исто така беше ковид центар.
Најцрна статистика
Еден од најтешките денови во однос на новозаразени со вирусот беше 17 ноември кога беа регистрирани 1.406 новозаразени, а во однос на смртноста најцрн ден беше 9 декември, кога беше објавено дека во текот на претходното деноноќие починале дури 46 пациенти како последица на Ковид-19.
Речици цел месец беа регистирани над 1.000 новозаболени во едно деноноќие, а бројот на починатите како последица на Ковид 19 постојано варираше помеѓу 20 и 40.
Вакцини, чекање, неизвесност
Вакцинацијата во земјава започна на 17 февруари, оваа година, и сè уште трае имунизацијата на здравстевните работници. Досега се вакцинирани помалку од 2.000 медицински лица, а во втората фаза од вакцинација ќе бидат опфатени возрасните кои имаат навршено 70 години и они со хронични заболувања. Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ за вакцинација се пријавиле 67.700 граѓани, а 43.789 преку матичен лекар, посочија од Министерството за здравство.
Првата пратка вакцини која пристигнаа во земјава беше донација од Србија. На 14 февруари, претседателот на Србија, Александар Вучиќ на граничниот премин Табановце- Прешево заедно со својата делегација ги предаде првите 4.680 вакцини (од Фајзер/ БиоНтек) на премиерот Зоран Заев.
„Овој чин им даде пријателска рака на нашите сораѓани и тоа е алка на поврзување на двете земји. Вакцините ќе влезат во планот за имунизација. Утврдени се приоритетни групи, кои штитат од Ковид-19. Благодарам што го помагате нашето јавно здравје“, рече премиерот Заев во таа пригода.
Втората пратка од Србија пристигна десет дена подоцна или на 24 февруари. Овој пат, донација ја донесе српскиот министер за здравство Златибор Лончар и му ја предаде на македоснкаиот колега Венко Филипче.
„Денеска донесовме 3.510 дози на вакцини за граѓаните на Северна Македонија што заедно со првата пратка изнесува вкупно 8.190 дози“, изјави Лончар.
Се чекаат кинеските вакцини и од КОВАКС механизмот: „Навистина имавме многу информации и настапи со кои се поткрепуваа антивакциналните тези. Но, голем дел од здравствените работници изразија желба да се вакцинираат. Вакцините се безбедни повторно ќе кажам и изготвени на сигурни платформи. 800.000 дози очекуваме преку Ковакс системот до крајот на март, исто толку очекуваме и од Фајзер со кого сме во последна фаза на договор, а 200.000 знаеме дека се очекуваат од „Синофарм“ на крајот од овој месец“, изјави министерот за здравство Венко Филипче на 17 февруари во гостувањето на Топ тема.
Руски вакцини „Спутник V“- Владата на 24 февруари го овласти министерот за здравство Венко Филипче да го потпише договорот за набавка на вакцини од Русија.
„Имавме затворена седница. Договорот е практично по истиот принцип како што беа и останатите договори. Станува збор за количина од 100 илјади дози, истакна Филипче
Нова година – новиот британски сој кај нас и раст на новозаразени
Министерството за здравство соопшти дека во земјава е детектирана мутација на британскиот сој на коронавирусот, што е прв детектиран случај на британскиот сој на овој вирус во земјава.
„Денеска при анализа на податоци од позитивни ковид пациенти во месец јануари, во приватна лабораторија за генетика и перосонализирана медицина на клиниката Жан Митрев, кај еден примерок е детектирана мутација на британскиот сој на вирусот СарсКов 2. Станува збор за 46 годишен маж кој веќе е оздравен, односно во базата на податоци на Инстистутот за јавно здравје пациентот од 22 јануари 2021 се води како оздравен”, се вели во соопштението.
Во изминатата недела е забележан раст на новозаразени.
Забележан е раст на новoзаразени, но не се загрозени болничките капацитети ниту во Охрид, Прилеп или Кавадарци, изјави Филипче при посетата на поликлиниката „Букурешт“, каде беше доставена донација од „Стопанска банка“ на 25 февруари.
„Во моментот траат испитувањата на примероците во МАНУ, но во „Филип Втори“ велат дека се работи за британскиот сој во 70 отсто од случаите. Доколку е потребно, сите капацитети ќе се вратат во системот за лекување Ковид 19“, рече Филипче.
Според Филипче, се следи дали овој тренд на раст на заболени ќе продолжи, и дали ќе ги загрози болничките капацитети за да може да се реагира. Според министерот, доколку има влошување на состојбата можни се нови мерки.
Помош за стопанството – Пет пакети мерки, ваучери, помош за најпогодините
Во текот на изминатата и оваа година Владата креираше пет обемни сета мерки за помош на најпогодените од корона-кризата и заздравување на економијата.
Првиот пакет мерки беше објавен на 18 март минатата година.
Вториот пакет економски мерки „Ковид 2“ беше објавен на 24 април а почна да се релизира на 29 истиот месец. Овој пакет е пообемен и нема ограничување на дејностите кои може да аплицираат за разлика од првата линија на бескаматни кредити „Ковид 1“ која беше наменета за првично најпогодените сектори – туризмот, угостителството и транспортот.
Еден од условите е компаниите да имаат пад на приходите од 30 проценти. Кредитите се бескаматни, рокот на отплата е до три години со грејс период од 12 месеци. На нула се сведени и трошоците кон Развојната банка.
Премиерот го промовираше третиот пакет мерки на 14 јуни. За првпат државата дава пари директно кај граѓаните со цел да ја зголеми куповната моќ и да ја стимулира приватната потрошувачка. На овој начин поддршката стигнува до сите оние на кои им е потребна, рече Заев.
Владата на 24 септември го усвои четвртиот пакет мерки почна да се реализира во ноември 2020 година и според Народна банка, постигнува ефекти.
Најобемен е петтиот пакет мерки кој тежи 160 милиони евра обезбедува помош за граѓаните и градење стабилна и развојна македонска економија.
„Даваме можност на секој граѓанин да добие отпис на камати, ако претходно направи репрограмирање за отплата на основниот долг на 12 месеци. Тоа значи дека репрограмирањето мора да докаже и да почне да го отплаќа. Механизмот ќе биде дека сметководствено ќе му бидат отпишани каматите, но ако после првиот месец не продолжи со исполнување на договорните услови, ќе почнат затезните камати да течат како што течеле претходно“, истакна вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Актуелен биланс за новозаразени, оздравени и починати
Министерството за здравство вчера информираше дека согласно податоците од Институтот за јавно здравје во последните 24 часа се направени 2.972 тестирања, а регистрирани се 582 нови случаи на ковид-19. Досега во земјата се направени вкупно 512.692 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 101.214, бројката на оздравени пациенти е 90.685, на починати е 3.111, а бројот на активни случаи изнесува 7.418.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 15 до 21 февруари 2021, тестирани се вкупно 15.849 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 2,8% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.320 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со зголемување од 3,9% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 11,8 до 16,3%, просечно 14,7%, на исто ниво како минатата недела. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи.
Преписки на релација власт – опозиција, барање на оставки
Во текот на целата година беа актуелни партиските препукувања во однос на тоа како државата се справува со корона -кризата и набавката на вакцините
Опозицијата во неколку наврати ја обвинуваше власта за лошо менаџирање и многуте смртни случаи, а власта потенцираше дека опозицијата со постојаните напади и непочитување на мерките и протоколите го подрива здравствениот систем.
Во текот на година, со ковид -9 беа заразени повеќе претставници од власта и опозицијата, а на последиците на коронавирусот ѝм подлегнаа и неколку истакнати личности, а починаа и 22 здравствени работници.
Борбата против ковид- 19 продолжува.
И. Т. Зафировска