Со одлука на Генералното собрание на ОН од 1993 година, 3 мај е прогласен за Светски ден на слободата на печатот, со цел да ги потсетува владите на потребата од почитување и посветеност на слободата на медумите, но исто така и да ги поттикне новинарите на размислување за прашања за слободата на печатот и професионалната етика.
Светскиот ден на слободата на печатот е и ден на поддршка на медиумите кои се изложени на обиди за нивно укинување или ограничување на нивната слободата на изразување, но и ден на сеќавање на новинарите кои ги загубија животите во текот на својата работа.
Според последниот извештај на Репортери без граници, Северна Македонија напредуваше за две места на Светската листа на слобода медиумите во 2020 година и со 31,67 поени се најде на 90-то место.
„2020 година беше извонредна година за Северна Македонија. Парламентот беше распуштен, привремената влада ја презеде власта, а потоа предвремените парламентарни избори мораа да бидат одложени поради пандемијата со Ковид-19 и вонредната состојба. Ситуацијата на медиумите се влоши, високи владини претставници продолжија да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, додека сајбер малтретирањето и вербалните напади врз новинарите се зголемија на социјалните мрежи. Сето ова послужи за зајакнување на добро вкоренетата култура на неказнивост. Во исто време, пандемијата го комплицираше известувањето. Организациите кои ги застапуваат медиумите остро се спротивставија на различните предложени измени и дополнувања на Законот за медиуми кои ќе овозможат државно рекламирање во медиумите. Тие се спротивставија на ова со образложение дека тоа може да го поттикне клиентелизмот. Министерството за правда подготвува нов Кривичен законик според кој новинарите и медиумските работници би биле побезбедни“, се вели во образложението на Репортери без граници за Северна Македонија.
Во годишниот извештај на Стејт департментот за почитување на човековите права се посочува дека „културата на неказнивост е добро вкоренета и се уште е пречка за безбедноста на новинарите“, како и дека „бројот на физички напади врз новинари се намали, но сепак, постои растечка практика на компјутерско малтретирање и вербална.
Во извештајот се посочува случајот со дописничката на МИА од Брисел. – Неколку дена во текот на јули, дописникчката државната новинска агенција МИА Тања Милевска во Брисел доби бројни закани за смрт и силување од анонимни корисници на Твитер и Фејсбук, се наведува во извештајот.
– Здружението на новинари на Македонија извести за 16 напади на новинари случени од јануари до октомври 2020 година и ја повика полицијата да ги расчисти случаите со изведување на одговорните пред суд. Здружението повика на промени во кривичниот закон со што ќе се осигура дека нападите на новинарите се „екс официо“ криминални дела, се нагласува во одговорот.
Во извештајот на Стејт департментот се напоменува и дека лани на 4 февруари, ССНМ „го потпиша првиот колективен договор со медиум, државната новинска агенција МИА, со кој се регулираат условите на вработените“, вклучително и гаранции за 36-часовна работна недела, платена прекувремена работа, заштита од произволно отпуштање и загарантирана слобода на изразување.
Стејт департментот посочи и дека иако медиумските известувања во земјава главно се поделени по политички линии, бројот на независни медиуми кои „активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања продолжи да се зголемува“.
J. Ѓ.