Европската иднина на Северна Македонија има перспектива и двете држави треба да работат со уште поголема доверба и дијалог, кој треба да се води меѓу рамноправни соговорници, без потценување, со меѓусебна почит за да се постигне напредок и прогрес, порачаа вчера од Рим македонскиот и бугарскиот претседател Стево Пендаровски и Румен Радев. Скопје и Софија согласни дека е потребен конструктивен дијалог.
Комисијата за заразни болести со предлог за намалување на рестриктивните мерки. Од први јуни маските на отворено да не бидат задолжителни, спортските натпревари кои се играат на отворени терени да се играат со публика, но со максимална исполнетост од 30% од капацитетот на стадионот. Да им се дозволи на угостителските објекти да примаат по 6 гости на една маса, додека сите останати рестрикции за нив остануваат на сила, а полицискиот час останува на сила.
Пандемијата со Ковид-19 драматично го промени животот во нашата земја и ги стави на тест целиот институционален систем како и однесувањето на сите кои во овој период имаа одговорност да се справат со оваа исклучително вонредна состојба и личниот пристап и однесувањето на граѓаните, вели Заев. Додаде дека направиле се да ги ублажат ефектите од пандемијата, зошто за цел свет била ситуација без преседан.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во вечерашното интервју на телевизија Телма рече дека тој е спремен да се донесе закон за рушење на проектот „Скопје 2014“. Јас сум спремен да донесеме закон за рушење на Скопје 2014. Јас на крај на министерката и градоначалникот им реков дајте ми јас ќе го срушам. Не затоа што мене не ми се свиѓа, туку не е автентично Скопје, рече Шилегов.
Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 427.535 граѓани. Вчера биле аплицирани 11.598 вакцини.
Да се биде жена лидер е навистина предизвик, потребна е желба и двојно поголем напор од мажите за да се постигне целта. На пречките и на проблемите треба да им се погледне во очи и кога сите ве убедуваат дека е тешко, треба да се биде упорен и да се продолжи понатаму. Низ личен пример воспоставете ја родовата еднаквост, им порача Шахпаска на жените менаџерки на 25. јубилејна манифестација „Избор на најуспешни жени менаџерки”.
Да се обезбеди чист и квалитетен воздух во затворени простории, особено онаму каде што престојуваат деца, е еднакво важно како и борбата за почист амбиентален воздух. Квалитетот на воздухот што го дишиме дома, во градинките и училиштата или пак на работното место, сериозно влијае на здравјето на луѓето, особено заради фактот што со пандемијата на ковид-19, над 95 отсто од времето го поминуваме во затворен простор.
М. Миткоска







