Информацијата за апликацијата до Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан, за техничка помош за подготовка на Студија за изводливост за изградба и развој на Национална транспортна оптичка мрежа (НТОМ), е усвоена на последната владина седница, информираат од Министерството за информатичко општество и администрација.
Инструментот Инвестициска рамка за земјите од Западен балкан (Western Balkan Investment Framework – WBIF) е заедничка иницијатива на Европската комисија.
– Со оваа иницијатива е направен обид за спојување на средствата на ЕК, различните донатори и Меѓународните финансиски институции (МФИ), во насока на поддршка на заеми за финансирање на приоритетни инфраструктурни проекти во земјите од Западен Балкан. Реализацијата на овој проект значи побрз интернет за граѓаните и деловните субјекти, велат од МИОА.
Оттаму истакнуваат дека во соработка со Јавното радиодифузно претпријатие и Агенцијата за електронски комуникации како надлежни институции, ќе ја интензивираат соработката со цел да се забрза времето на реализација на овој проект.
– Целосно сме посветени на процесот на дигитализација. Градењето на националната мрежа за оптички транспорт е наш приоритет, велат од МИОА.
извор: МИА