Според последните информации повеќе од 30 илјади картички им се поделени на српските државјани кои транзитираат низ земјава за да можат бесплатно да ги поминат патарините низ овој коридор, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Бројот на активни случаи во земјава вчера изнесуваше 197, од кои 66 во Скопје, а 65 во Тетово. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени 3.227 тестирања, регистрирани се 21 нов случај со Ковид-19 од кои 11 во Тетово, по три во Скопје и во Куманово, два во Струга и по еден во Гостивар и Штип. Зголемен e бројот на нови случаи со Ковид-19 во Тетово, надлежните апелираат заразените да даваат точни податоци. Се зголемува и бројот на новозаразени во регионот, Грција со голем пораст на заразени, а во Албанија е детектиран првиот случај на делта корона вирус.
Премиерот Зоран Заев очекува формирање политичка влада во Софија заради, како што вели, потребите на бугарските граѓани, но и затоа што ние очекуваме исчекор во решавање на проблемот. Но, според аналитичарите, исклучително се мали шансите за промена на ставот на Софија кон Скопје во однос на усвојувањето на нашата преговарачка рамка и почеток на преговорите до крајот на годинава. Сите протоколи од избирачките секции на предвремените парламентарни избори во Бугарија веќе се обработени, соопшти Централната изборна комисија во Софија, победи „Има таков народ“.
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максимланите температури ќе бидат во интервал од 33 до 40 степени, а УВ индекост ќе достигне 9.
М. Миткоска







