Генералниот секретар на Социјалдемократската партија на Германија, Ларс Клингбејл вечерва по затворањето на избирачките места на парламентарните избори изјави дека оваа партија има мандат да формира коалициска влада.
– СПД има мандат да формира влада. Сакаме Олаф Шолц да биде канцелар, истакна Клингбејл по објавувањето на првите излезни анкети.
Тој додаде дека анкетите им даваат предност на социјалдемократите.
Според прогнозата на телевизијата АРД врз основа на излезната анкета, СПД и ЦДУ/ЦСУ освоиле по 25 проценти од гласовите, пренесува МИА.
Прогнозата на телевизијата ЗДФ укажува дека СПД води со 26 проценти од гласовите, а коалицијата ЦДУ/ЦСУ има 24 отсто од гласовите.
СПД успеа да го подобри резултатот од претходните парламентарни избори за повеќе од пет проценти, додека ЦДУ/ЦСУ загубија поддршка од речиси девет проценти.
Германските конзервативни демохристијани (ЦДУ) претрпеа „горчлив пораз“ на денешните парламентарните избори, објави ДПА.
Генералниот секретар на ЦДУ, Пол Зимејак, изјави дека сепак се надева дека неговата партија ќе ја предводи коалицијата, вклучувајќи ги Зелените и либералната Партија на слободни демократи (ФДП).
Според јавните радиодифузери АРД и ЗДФ, ЦДУ и нејзината сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), ќе освојат меѓу 24 и 25 проценти од гласовите.