Новинарот и колумнист на Фронтлајн, Бранко Тричковски, доби смртни закани на Фејсбук од извесен Дарко Мекиќ, кој, како што пишува, нуди 10.000 евра на тој што ќе го убие Тричковски.
За текст објавен од Тричковски на неговиот Фејсбук профил, заканувачот остави коментар:
„10 илјади евра за оној кој ќе ти стави метак у глава нудам“
Тричковски прво во коментар, а потоа и преку фејсбук-објава со наслов „Метак“, во негов стил, му реплицираше на заканувачот: „За тие пари и јас би можел да му ставам метак у главата на Тричковски“
„Некој си Дарко Мекиќ нуди десет илјади евра за оној кој ќе ми стави метак у глава.
Му викам дека за тие пари и јас би можел да му ставам метак у главата на Тричковски, ама го нема да ми одговори.
Ако му е до парите, нека не се секира, луѓе сме ќе се договориме, може да падне и некој попуст од моја страна или плаќање на рати без камати и слично“, пишува Тричковски.
Заканата по животот на Бранко Тричковски, искажана јавно (со име и презиме на заканувачот) на социјална мрежа, не смее да помине без соодветни санкции од органите на прогонот, но реакција се очекува и од новинарските здруженија.
На реакција од ЗНМ повикува и новинарот Борјан Јовановски.
Може да го сакате Тричко може да ве нервира па може и да го мразите ама ова не може колеги Здружение на новинарите на Македонија – ЗНМ, повикува Јовановски.
И покрај тоа што овие притисоци и смртни закани кон новинарите за искажан став, се одраз на „слободата“ што си ја дозволуваат разјарените битанги охрабрени од секојдневниот говор на омраза од десничарските партиски врхушки и нивните пропагандни машинерии, а проследени од ботовските војски на социјалните мрежи, сепак органите на прогонот не смеат да останат неми, ако, нели, се стремиме да градиме зрела демократија.
Ова е типичен пример за тоа која е линијата на слободата на говорот и говорот на омраза, во случајов преку смртна закана кон Тричко.
Ј. Ѓорѓиоски
„