пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Гледам дека во нашата земја постојат вљубеници во путинизмот, а некои го глорификуваат и Александар Дугин. Грешна ми душа „старословенска“, си реков ајде да се впуштам во „истражувачко новинарство“ и да откријам кој е овој човек. Најдов на интернет еден видео клип од 3. март 2018 година. Погодувате? Јанко Бачев го носи Александар Дугин во Скопје (овдешната јавност смета дека се работи за советник на Владимир Путин?), за, попатно, овој вториот да ни проповеда дека ние сме биле – пазете сега – македонци кои имале право на јазик, идентитет и суверенитет. И тука, категоричен е Дугин, немало право никој да ни кажувал што сме и кои сме. После овие зборови, публиката паѓа во егзалтација, а немам сомнеж дека путинистите на Јанко Бачев се во „климактеричен“ шок: бравооо, така еее, ние сме македонциии, имаме право на свој јазик, идентитет и суверенитет…
Шега на страна, во „светските работи“ Русија има своја математика, а не македонска. Тоа како прво би требало да ни биде јасно. Како второ, „шурување“ и тапшање по рамо на среде Скопје во името на „нашиот национален идентитет“ е дел од таа агенда, ама не македонска, туку руска. Тоа не е видливо за „обичните граѓани“ ако вие ги хушкате и им делите „патриотски“ комплимент дека сме биле Македонци и сме имале право на јазик.
И ако сега го тргнеме овој „геополитички“ фолклор на страна, па само за момент се потсетиме што се случуваше во 2018 година, ќе видиме на кому вистински му сметаше решението на спорот со Грците? Или да бидам попрецизен: преку што се наметнува Рускиот интерес на Балканот?
Само Русија беше незадоволна со тоа што го решивме тој исцрпувачки, апсурден и штетен македонско-грчки спор. За разлика од другите меѓународни актери кои го поздравуваа решението на спорот, Москва со тој договор беше незадоволна. Зошто? Затоа што Москва секогаш игра на карта „пат позиција“ (да употребаме шаховски термин) и трајно продолжување на спорот поради него самиот, а не затоа што Москва ја интересира Грција или Македонија. Не, таа е рамнодушна кон било кого, освен, се разбира, кога се работи за неа самата.
Причината за тоа се надsира: Русија сакаше да одржува нестабилност во регионот, Грција да биде на танок ланец, а Македонија што подалеку од Европската Унија и НАТО, места во кои не можат да бидат ако не го решат македонско-грчкиот спор.
Четири години подоцна, ние сме членка на НАТО, Москва Македонија ја изгуби трајно: нема да бидеме повеќе полигон за руски конфликти, руска нестабилност и руски бељи. Дали овој пример ќе нè отрезни и прибере дека главна пречка (сите овие години) за нашата Европска интеграција беше Москва и Кремљ? Да, верувам во тоа. Од досегашните потези на македонската Влада гледам дека идеолошки и вредносно не застранува. Нашиот правец – конечно – не е према Москва, туку према Брисел и Вашингтон.
А што ќе правиме со нашите „дугини“ и „бачеви“ и останати „путинофили“ во земјата? Ништо посебно, ќе разберат дека Путин е мал и беден; тоа може да го заклучат од неговите политички потези и како човек и како политичар. Ако навистина Путин е при себе, тогаш се поставува прашањето како е возможно да му падне на памет тоа да ни го прави?