Пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Прва, да не речам, брачна ноќ, со Протоколот. Ми беше страв да заспијам. Да не би да ме бугаризира на сон. Но, не. Фин некој документ. Повеќето, да не речам сите барања што тој ги испорачува кон мене како Македонец, требаше јас да си ги испорачам и остварам кон себе и поради себе, пред сè. Тоа е моето искуство од првата вечер. Очекувам макар еден од политичките, интелектуални, новинарски, и други вентилатори на стравот, паниката, хаосот и хистеријата, со кои на темата за францускиот предлог и Протоколот, ја однесоа целата нација во зоната на карикатурата, да се извини, да излезе и да каже дека згрешил и дека му е жал што дозволил да учествува во таква свињарија. И дека, сега, сепак, посакува успех во евроинтеграциите. И дека тој во таа работа се става на располагање. Знам дека моето очекување е залудно, но сепак. Еден раков гест би бил рамен на индулгенција за опрост на гревот.