Големата пријателка на македонските граѓани, украинската амбасадорка Наталија Задорожњук, во објава на Фејсбук на македонски јазик, најави дека се повлекува од амбасадорската позиција.
„Дојде време и јас да ѝ кажам „До гледање“ на оваа прекрасна земја! Започнав со средбата со Претседателот Стево Пендаровски. Му се заблагодарив на Претседателот за практичната поддршка на Украина во војната со Русија, за нашите европски и евроатлантски интеграции, за неговата лична улога во развојот на пријателските односи, за учеството на Првата Дама Елизабета Ѓоргиевска на Вториот Самит на Првите Дами и Господа. Дојдов во Македонија со цел максимално да ги интензивирам украинско-македонските односи во сите сфери. Ѝ благодарам на судбината што овој период беше во мојот живот. Тука се чувствував уверено – со Балканот се занимавам од 1986 година, а конкретно со Македонија – од 2004 година. Течно го зборувам јазикот. Тоа многу помогна во работата. Се надевам дека многу е постигнато. Политичкиот дијалог е интензивиран, успеавме значително да ја зголемиме економската соработка и трговската размена (од 35 милиони на 150 милиони американски долари; за прв пат во последните години, Северна Македонија е на третото место по трговска размена после Бугарија и Србија, претекнувајќи ја Хрватска), значително е проширена договорно-правната рамка. Посебно би сакала да го забележам потпишувањето на Договорот за безвизно патување на граѓаните.“, вели Задорожњук.
Украинската амбасадорка како една од клучните работи како амбасадорка ја смета работата во информативната насока.
„Сите интервјуа, брифинзи, коментари за македонските медиуми ги давав на македонски јазик. Беа одржани значајни настани од областа на јавната дипломатија, кои имаа широк публицитет и активно беа покриени во македонските медиуми. Украина стана се поприсутна во Македонија. A ќе биде уште поприсутна“, истакнува Задорожњук.
Таа нагласува дека се завршени сите подготовки за отворање на Почесниот конзулат на Украина, што ќе придонесе за зголемување на економската и хуманитарната соработка меѓу двете пријателски земји, а во завршна фаза е комплетирањето на измените на Договорот за слободна трговија, кој е важен за економската соработка. По молба на Украинската заедница во Македонија, започната е работата над склучување на Договор во областа на социјалната заштита. Активно се движиме напред, вели амбасадорката.
„Посебно се издвојува воениот период. За мене пружањето на максимална помош за Украина претставуваше мој личен фронт. Покрај обезбедувањето на политичка и санкциона политика, посебно внимание ѝ беше посветено на хуманитарната помош и помошта во воено-техничката сфера. Исклучително сум му благодарна на раководството на Македонија, на претставниците на деловниот и финансискиот сектор, на невладините организации, на обичните граѓани кои одговорија на сите наши обраќања.
Украина и Македонија се исклучително блиски земји. И Украина и Македонија со целата своја понова историја докажуваат дека ние треба да бидеме дел од Европската Унија, секако со исполнување на нашите домашни задачи. Целта е иста, патиштата се различни. Нам ни е многу потешко. Кај нас, на наша земја се води војна. Но, Украинците во текот на целата нивна историја докажаа дека ние сме непобедлива нација и верувам дека наскоро (процесите се менуваат исклучително брзо) знамињата на Украина и Северна Македонија ќе се веат во Брисел“, истакнува Задорожњук.
Таа се заблагодарува на пријателите од Украина и Mакедонија, на тимот од украинската амбасада, и вели – Македонија е во моето срце засекогаш.
„Им благодарам на сите мои пријатели од Украина и Македонија кои ми помагаа во работата.
Му благодарам на мојот тим во Амбасадата што трпеливо ги поддржуваше сите мои проекти и иницијативи.
Но, јас не велам збогум, бидејќи Балканот (балканистите знаат) туку така не те пушта. И Македонија е во моето срце засекогаш.
Ќе завршам со зборовите на брилијантната Лина Костенко:
И сè на светот мора да се доживее,
И секој финиш е, всушност, почеток,
И не треба однапред да погодувате,
И за минатото не вреди да се плаче.“, завршува во објавата амбасадорката Наталија Задорожњук.
Претседателот Стево Пендаровски денеска на проштална средба ја прими амбасадорката на Украина, Наталија Задорожњук.
На средбата, како што соопштуваат од кабинетот на Пендаровски, се разговарало за билатералните односи меѓу двете држави, при што било оценето дека тие се карактеризираат со меѓусебно разбирање и поддршка.
Соговорниците изразија уверување дека релациите меѓу двете земји ќе продолжат да се унапредуваат со заеднички заложби, посветеност и ангажман.
Претседателот Пендаровски ја реафирмираше поддршката за територијалниот суверенитет и интегритет за Украина, како и воената, политичката и хуманитарната помош што земјава ја дава на Украина.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за дипломатскиот ангажман на амбасадорката Задорожњук и придонесот во развојот на македонско-украинските односи и ѝ посака натамошен успех на личен и на професионален план.
Ј. Ѓорѓиоски