Кога ќе се спојат убавите намери и силните желби, сѐ е возможно, објави селекторката на драмскиот дел на Фестивалот Охридско Лето, актерката Сања Арсовска, за претставата „Кротењето на опаката“ од Вилијам Шекспир во изведба на Кијивскиот академски регионален музички и драмски театар „П.К. Саксагански“.
„Во случајот, не знам што беше посилно, мојата или нивната желба да играат претстава на Охридско Лето. Процесот да се договори украинска претстава заради сплет на многу околности, беше макотрпен и најтежок за договарање од сите селектирани претстави годинава, полесно беше да се откаже човек, отколку да истрае. Но, ете, после три месеци преговори и неизвесност, вчера, петнаесетина актери ги распослаа своите емоции на сцена.
Неизмерно сум благодарна на сите што помогнаа да се реализира гостувањето: украинската амбасада, претседателот Пендаровски и организаторите на Фестивалот
Звук на аплауз, не на проектили. Чувство на задоволство, не на страв. За секој уметник. За секој човек!“, напиша Арсовска.
Кијивскиот академски регионален музички и драмски театар именуван по П.К. Саксагански е најголемиот и најстар театар во регионот на Кијив. Основан е во 1934 година. И покрај академското име, Академскиот театар за музика и драма е многу иновативен. Денес Кијивскиот академски регионален музички и драмски театар сè уште продолжува пријатно да изненадува со маестрални изведби.
Богатата театарска програма на овогодинешниот Фестивал Охридско Лето ја предводат Њујоршката Ла Мама со копродукциската „Балкан Бордело“, Белградските „Војна и мир“ и Вујко Вања“, Украинската „Кротењето на опаката“ како и шест исклучителни домашни претстави.
J. Ѓ.