На 7 септември, ќе се одржи голем еднодневен настан во организација на тимот на EXIT во соработка со градот Струмица, на кој ќе настапат познати меѓународни и регионални музички ѕвезди.
„Подгответе се за големата EXIT забава на 7 септември во Големиот парк во Струмица каде што ве чекаат италијанската техно ѕвезда Дебора Де Лука, светскиот хитмејкер Махмут Орхан, балканската трап кралица Сенида и еден од најпознатите регионални диџеи Кристијан Молнар.
И тоа не е се – влезот на забавата, која ќе трае импресивни девет часа, е БЕСПЛАТЕН!“, најавуваат организаторите.
Get EXITed, како концепт за еднодневен музички настан, ќе послужи како одлична увертира на првото издание на големиот македонски фестивал планиран за следната година. EXIT е најголемата организација на музичката индустрија во Југоисточна Европа, со девет фестивали во седум земји. Освен главниот фестивал, кој традиционално се одржува во Нови Сад повеќе од 20 години, EXIT досега организираше бројни фестивали и големи концерти, како фестивалот No Sleep во Белград, Sea Dance и Ada Divine Awakening во Црна Гора, Revolution во Романија, Sea Star во Хрватска, Echowaves во Грузија, Фестивал 84 во Босна и Херцеговина, Sunland на плажата Перла во Бугарија, концерти на Роби Вилијамс и Мадона во Белград, Red Hot Chili Peppers во Inđija и многу други.
Мисијата на EXIT од своето основање е да го поврзе регионот и да промовира мир, како и да ги промовира брендовите на локациите домаќини и да го зголеми нивниот препознатлив имиџ.
Ј. Ѓ.