Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија и Здружението на Украинци во Република Северна Македонија „Лесја Украинка“ денеска ќе го одбележат Денот на независноста на Украина – 24 август.
Како што соопшти Украинската aмбасада, според програмата, предвидено е поставување светски рекорд за изведување на националната химна на Украина истовремено во 50 земји во светот и формирање на жив синџир во рамки на глобалната иницијатива „The free world gathering“.
Одбележувањето ќе започне во 14 часот со интонирање на националната химна на Украина, по што тоа ќе бидат одржани неколку говори, почнувајќи од дипломатскиот претставник на Украина во нашата земја, Роман Буга, како и претседателот на здружението „Лесја Украинка“, Олександр Урбанович.
Денот на независноста на Украина оваа година нема да биде одбележан само во Украина. Целиот демократски свет ќе го одбележи овој датум. Илјадници организации, институции и активисти од целиот свет веќе објавија програма со активности со кои ќе го одбележат Денот на независноста на Украина, на кои ќе упатат пораки на поддршка на херојскиот отпор на Украинките и Украинците против руската брутална агресија.
Денот на независноста на Украина (украински: День незалежності України) е најголемиот државен празник во модерна Украина. Тој се слави на 24 август со што се одбележува Декларацијата за независност од 1991 година.







