Пораката на самитот во Белград, е дека државите од Отворениот Балкан стојат солидарни во време на криза. И покрај предизвиците што ги донесе прво пандемијата „Ковид-19“, а подоцна и војната во Украина, Србија, Албанија и Северна Македонија не треба да стравуваат од недостиг на храна и основни прехранбени производи, се наведува во опширната Анализа „Отворен Балкан 2022: Инструмент за справување со кризи – зима 2022/23“ на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии ИФИМЕС, од Љубљана, Словенија.
Трите земји од Отворениот Балкан, потсетуваат аналитичарите, претходно формираа кризна група за енергетика, која во пресрет на оваа зима, во сегашната ситуација на глобален недостиг од енергенси и електрична енергија, преговара за размена на струја и природен гас. Сите енергетски и други горливи проблеми со кои може да се соочи регионот во претстојната зима ќе се решаваат заеднички и систематски, било договорено на состанокот на претставници на влади, администрации и бизнис асоцијации. Формирањето на работната група за превенција од кризи е особено важно пред претстојната зима.
„Знаеме колку тешка есен и зима се наближуваат, иако сите се во тешка ситуација, ќе можеме да си помогнеме и да ја олесниме ситуацијата. Сè што е достапно за Србија ќе биде достапно за Северна Македонија и Албанија и обратно. Успехот на овој проект зависи од тоа колку ќе ги консолидираме мирот и стабилноста во нашиот регион“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Помош од ЕУ за совладување на енергетскиот сектор
Западен Балкан ќе побара помош од ЕУ за купување на дел од енергетскиот сектор. Беше најавено дека лидерите на Србија, Северна Македонија и Албанија ќе напишат писмо до Брисел и дека ќе бидат „многу задоволни“ доколку им се придружат и лидерите на другите три земји (Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово) заедно да побараат финансиска поддршка. за набавка на енергетски производи.
Во рамките на Отворениот Балкан нема да има забрана за промет на брашно, шеќер, масло и други основни прехранбени производи, што е потврдено и со потпишаниот договор.
Албанскиот премиер Еди Рама ја повика ЕУ „да не го повторува истото однесување“ како за време на пандемијата Ковид-19 во текот на оваа зима и енергетската криза во Западен Балкан. „Добро се сеќаваме како, на почетокот на пандемијата, земјите од Западен Балкан беа принудени да се свртат кон Кина, Русија, Турција… затоа што ЕУ гледаше само на себе“, рече Рама.
Аналитичарите сметаат дека „Отворен Балкан“ може да биде еден од инструментите за соочување и заедничко надминување на кризите. Притоа, важно е да се воспостават институционални и функционални механизми за ефективно дејствување. Претстојната зима 2022/23 претставува еден вид предизвик и тест, се наведува во анализата на ИФИМЕС.
Ј. Ѓ.