Пишува: БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ
И по изборен циклус тешко е да се види светло во политичкиот тунел во кој е влезена оваа земја членка на ЕУ. „Партиите само се преправаат дека се обидуваат да формираат влада. Тешката работа во оваа тешка зима со задоволство би му ја препуштиле на претседателот Румен Радев“, коментира политикологот Парван Симеонов од социолошката агенција Галуп интернешнал Балкан. „Ова е чекор кон слабеење на демократските институции во Бугарија, кои онака не се многу силни“, додаде Симеонов.
Бојко Борисов како лидер на победничката ГЕРБ се обидува да формира мнозинство врз основа на анти-Путин политики, за да го неутрализира лошиот имиџ на оваа држава во Европа која се препознава по голема поддршка во јавноста за политиките на Москва. „Да се обидеме да ја смириме ситуацијата. Подготвен сум на какви било отстапки и компромиси“, изјави лидерот на ГЕРБ, Борисов.
ГЕРБ победи со нешто повеќе од 25 отсто од гласовите, но партијата се наоѓа себеси политички изолирана, бидејќи пратениците на двете партии кои би ја поддржале – ДПС и „Бугарски подем“ – не се доволни за формирање влада.
Проруската радикална партија Вазраждане, која се најде на четвртото место со околу 10 отсто од гласовите јавно се залага за повлекување на Бугарија од НАТО и ЕУ што на Борисов му ја затвора вратата кон нив за евентуален обид да ја приклучи кон новото мнозинство. Борисов е сега на мака како да стигне до проевропските реформистички партии „Ја продолжуваме промената“ и „Демократска Бугарија“, иако тие не сакаат да преговараат со ГЕРБ поради, како што велат, нејзиното корумпирано минато.
За време на владеењето на ГЕРБ, Бугарија се заплетка во корупциски скандали а се случи голем пад на слободата на медиумите. Згора на тоа, Борисов беше осомничен за заткулисни врски со Кремљ околу изградбата на продолжувањето на гасоводот „Турски тек“ кон Србија и Унгарија, сметаат проевропските реформистички сили отфрлајќи ја понудата на Борисов за формирање на како што вели тој прозападна и проевропска, анти-Путин влада во Бугарија.
Пред изборите, партијата „Продолжуваме со промените“ рече дека ќе преговара со ГЕРБ само доколку Борисов се повлече од лидерската позиција на партијата. Тој не е подготвен за овој потег и предлага да не се извршуваат официјални позиции на власт.
„Сега е најважно во Бугарија кој е на страната на Украина, а кој не. Ова нека биде првата тема за која јасно ги кажуваме нашите позиции. Три четвртини од бугарското население се за продолжување на евроатлантскиот пат на земјата“, рече Борисов.
Од проевропските „Ја продолжуваме промената“ и „Демократска Бугарија“ возвраќаат дека ова е демагогија на Борисов бидејќи токму тој ја урна нивната претходна владејачка коалиција и покрај нејзината активна проевропска политика и успехот во преговорите за укинување на ветото за европската интеграција на Македонија, наметнато за време на владеењето на Борисов што на Бугарија и донесе големи проблеми во односите со европските партнери.
„Ја продолжуваме промената“ и „Демократска Бугарија“ сега бараат од Борисов не само да не биде член во новата влада, туку и да се повлече од функцијата претседател на ГЕРБ. Само така, велат од овие партии, ќе може да се отвори пат за борба против корупцијата која меѓу другото е и врата низ која Путин влегува во Софија.
„Ако кажеме дека корупцијата не ни е приоритет, тоа значи дека ќе крадеме или ќе толерираме кражба. … Тоа е огромната врата низ која влегува раката на Кремљ“, рече и Иванов.
„ГЕРБ треба да организира и преговарачки процес со ДПС (партијата на турското малцинство), и Вазраждане (радикално проруски ориентирана ), со кој ја соборија претходната влада со мандат за продолжување на промените. Ако не успеат, тогаш мандатот ќе дојде кај нас. Потоа ќе се обидеме да организираме преговори“, изјави во неделата претседателот на „Ја продолжуваме промената“ партијата, Асен Василев, за националното радио БНР.
„Дали ќе успее – се сомневам, бидејќи со ДБ и БСП немаме доволно пратеници. Ќе биде тешко да се состави нешто, но тоа не значи дека не треба да се проба“, додаде тој.
Авторот е уредник во НОВАТВ.МК