ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ФРОНТ ESPRESSO

Злокобниот инфантилизам на воениот злосторник и неговата братија

October 10, 2022 12:48
in ESPRESSO, ZOOM IN, ВОЈНА ВО УКРАИНА, ДЕНЕС, ФРОНТ
Џабир Дерала

Џабир Дерала

Share on FacebookShare on Twitter

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Има една детска игра што ја нарекуваат „Куќа“. Кога играат брканица и не можат повеќе да бегаат, ќе стапнат на некоја претходно договорена точка и извикуваат „Куќа“! И никој не смее да ги фати. Тоа би му дошло нешто како недопирливост во светот на возрасните.

Така игра и Путин. Со таа разлика што за него „куќа“ е местото што не му припаѓа нему, туку се обидува да го присвои, спротивно на сите правила и договори (на крвавата „игра“ што ја започна самиот):

Прво напаѓа и освојува по цена на целосно разорување и брутални воени злосторства и геноцид, а потоа, кога го тераат во панично бегство, извикува „Куќаааа“!

Панично бегство

Пред осум и пол години Русија ја нападна Украина и окупира нешто повеќе од седум проценти од нејзината територија – индустрискиот исток и стратешки важниот полуостров Крим. Веднаш се анектира Крим, со референдум под нишанот на калашниковите на војската и локалните паравојски што ги финансира Путиновиот режим.

Сега, руската војска, паравојските и професионалните убијци под руско знаме панично се повлекуваат пред јуришот на храбрите украински борци за слобода, меѓу кои има безброј доброволци, довчерашни цивили.

Украинците до пред само три-четири месеци беа речиси голораки, а и сега се повеќекратно помалку вооружени и помалубројни од втората суперсила во светот. Но наспроти пропорциите во воена и огнена моќ, Украинците ослободија повеќе територија од својата земја за шест недели отколку што Русија успеа да освои во за повеќе од пет месеци.

Крвави контрасти

Украинците покажаа невидена храброст и пожртвуваност, а Русите покажаа невидена крволочност, садизам и разбојништво. Освен тоа, руската воена машинерија покажа зачудувачки слабости и низок воен морал и недисциплина. Пропагандната машинерија покажа повеќе успех, благодарение на инсталациите што ги има низ цела Европа.

Делумното онеспособување на мега-мостот што го поврзува Крим со Краснодар, ден по седумдесеттиот роденден на Путин, беше уште една силна шлаканица за Русија. И повторно како во детска игра, но со крвави последици во чудовишни размери, Путин и неговата злосторничка братија, заробените институции, пропагандната машинерија и политичките структури (партнери во одржувањето на крвавиот режим) прогласуваат недопирливост.

Земјата што не е и не сака да биде руска

Сознанието за тешкиот воен, политички и морален пораз го стасаа и (само)изолираниот Путин. Соочен со тешките загуби на фронтовите, тој на Светскиот ден на мирот, 21 септември, прогласи делумна мобилизација од која побегнаа повеќе од 200.000 военоспособни Руси за само седум дена по повикот за „одбрана на мајка Русија“. Во меѓувреме, тој набрзина нарача „калашников референдуми“ во септември и веднаш потоа да прогласи анексија на окупираните области што ѝ припаѓаат на Украина.

Следниот чекор во неговиот злокобен инфантилизам беше да каже дека сега секој обид да се ослободат окупираните области е, всушност, напад на руска територија.

Тоа и се случи. На тој начин, започна следната фаза во војната на Путин против слободниот свет. Во која тој е во крајно понижувачка дефанзива. Но затоа неговите бледи прсти се сѐ поблиску до црвеното копче за лансирање на нуклеарните ракети во тоа што тој го нарекува „одбрана на руската земја“. „Руска земја“ што не е руска и не сака да биде руска.

Колку злокобни и гротескни, толку и болно инфантилни реакции на рускиот естаблишмент

Путиновата послушна Дума, само неколку часа откако Украинците му го кренаа во воздух мостот кој раздвојува (како што го нарекуваат во светот) соопшти дека тоа го смета за објава на војна.

„Терористичкиот напад на Кримскиот мост повеќе не е предизвик, туку објава на војна без правила“ – стои во изјавата на руската Државна дума на 8 октомври, неколку часа по експлозијата.

Изјавите што уследија од рускиот политички естаблишмент беа, колку злокобни и гротескни, толку и болно инфантилни.

„Против нас се води нескриена терористичка војна. Покрај тоа, долгонајавуваниот терористички напад на мостот на Крим веќе не е само предизвик, тоа е објава на војна без правила“, рече рече пратеникот на Обединета Русија (Единой России), Олег Морозов, во изјава за „мојата омилена“ РИА.

Во меѓувреме, Русија сее терор – руските ракети погодија цивилни цели и убија недолжни цивили во Запорижја, среде ноќ. Последното броење за кое знам е дека загинале 17 цивили, 49 се ранети, меѓу кои има и шест деца. Удрија и на Кијив утрово (10 октомври).

Како лоша претстава во театар на апсурдот. Со тешки и крвави последици. Без ни малку чувство за одговорност, како за изречените бесмислици сите овие години, така и за грозоморните злосторства извршени во војната. Спроведуваат геноцид пред очите на целиот свет, а одбраната и борбата за слобода ја прогласуваат за објава на војна против нив. Невидено и несфатливо. Уште пострашно – некои ги сфаќаат сериозно, им веруваат и ги поддржуваат.

Навистина, може ли светот да биде повеќе луд од ова?


Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.
Next Post

Сè уште не се гледа светло во политичкиот тунел на Бугарија

Shortcut

Најново

Филипче: Недостигаат 10 милијарди денари, исплатата на пензиите е доведена во ризик

July 3, 2026

Мицкоски: Нема да одам за претседател на државата, ќе предводам уште една голема победа над СДСМ на наредните избори

July 3, 2026

Канцони, вино и зајдисонце: Незаборавна летна вечер со Павле Камилоски и винаријата „Душа“ во „Инекс Олгица“

July 2, 2026

Дуња Иванова, постави нов репер во македонскиот велосипедизам: 33. место на најновата светска ранг-листа

June 30, 2026

Европа ги брои милијардите за Црна Гора, а ние изгубените години

June 30, 2026

НАЈЧИТАНО

  • Европа ги брои милијардите за Црна Гора, а ние изгубените години

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Мицкоски бара внимание

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Претседателска катарза

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ЛЕТНО ЧИТАЊЕ ЗА НЕМИРНИ УМОВИ: Ниски летни цени за изданијата на Frontline Press и ЦИВИЛ само во книжарницата „Или-Или“

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Ретрограден Меркур во 2026 година – што значи и кога ќе се случува

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk