Обезбедивме непречено и по стабилни цени, снабдување со електрична енергија на виталните институции, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција. Тој кажа дека Владата со одлука го задолжило ЕСМ за време на енергетската криза да снабдува неколку категории потрошувачи, дополнително од оние задолжени со закон.
-Така ќе се спречи растот на цените на псновните прехранбени производи, да се одржи сигурност во снабдувањето со вода, како и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за време на наставата. ЕСМ ја подготви документацијата за новите договори, рече Ковачевски.
Тој информира дека потрошувачите ќе можат документите да ги најдат на веб страницата на ЕСМ и најдоцна до 10-ти во месецот да го поднесат договорот до ЕСМ за да започне снабдувањето по новите правила.
Поевтината струја се однесува за потрошувачите кои се занимаваат со прехранбената индустрија (80 евра за мегават час), со што се очекува пад од 10% на цените на основните производи.
Во втората категорија се јавните претпријатија кои се бават со водостопанство (95 евра за мегават час), а во трета категорија се основните и средните училишта (95 евра за мегават час).