Спротивно на неславната неспособност на балканските држави да ги решат своите разлики, Северна Македонија и Грција успеаја да постигнат важен договор кој означува крај на повеќедецениски спор за името на поранешното раководство и макотрпните напори на поранешните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, се вели во анализата на ANTEREC – Академска мрежа за поддршка на политиката на ЕУ кон Западен Балкан, објавена во International scientific journal of perspectives.
Во анализата се вели дека е време моќните меѓународни актери како САД и ЕУ да ги исполнат своите ветувања и да ја поддржат Северна Македонија во нејзината аспирација да се приклучи во ЕУ.
-Оваa анализа не само што ќе им служи на геостратешките интереси, туку соодветно ќе го награди и реткиот израз на балканскиот пацифизам кој заслужува признание, а дел од овој научен труд е заснован на интервју со поранешниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, клучен играч во решавањето на долготрајното несогласување со Грција, вели професорот Леонидас Маркис.
Главната цел на проектот ANETREC е академска поддршка на процесот на имплементација на политиките на ЕУ кон Западен Балкан со акцент на регионалната соработка заснована на помирување како предуслов за мир, стабилност и општ развој во регионот.
Успехот на „Преспанскиот договор“
Во интервјуто Заев појаснува дека ЕУ сака да избегне увоз на билатерални проблеми, па затоа со нормализирањето на односите со Грција, е отстранета значајна пречка што го блокираше патот кон интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, а вградувањето на европските вредности во земјата може само да придонесе за демократско обединување на целиот континен.
– Договорот од Преспа е вистински успех бидејќи ни даде можност да ја покажеме нашата способност за решавање на надворешнополитичките прашања по мирен пат, со примена на мека моќ. Ја покажавме нашата силна посветеност на вредностите на демократијата, дијалогот и компромисот. Затоа, мислам дека можеме само да додадеме вредност на Европската Унија. Поточно, постои услов според кој пристапувањето на една земја не може да се оствари се додека има билатерални проблеми со земјите-членки, вели во интервјуто Заев.
Тој додава дека економски гледано, во Северна Македонија веќе се основани европски компании, а тоа покажува дека сме стабилна земја.
-Тие се доста профитабилни, имаат корист од нашите економски правила, а притоа ни носат експертиза. Оваа соработка може да се продлабочи и прошири благодарение на идниот пристап на Северна Македонија во ЕУ, додава Заев.
Тој вели дека и покрај големите придобивки од „Преспанскиот договор“ во донесувањето на одлуките најважно било да се заштити македонскиот идентитет, но и и да се мисли на подобра иднина на граѓаните исклучувајќи ја важноста на политичката кариера.
-Јас и Алексис Ципрас никогаш нема да жалиме за компромисите што ги направивме бидејќи граѓаните од двете страни знаат дека не само што „деценискиот спор“ најде конечна разрешница, туку и отвори пат за стратешко партнерство меѓу двете земји. Договорот дава цела рамка која овозможува идна соработка, вели Заев.
Национализмот може да ја уништи мојата земја одвнатре
Тој во интервјуто се осврнува и на национализмот кој го дефинира како различен од патриотизмот, а вториот според него е силен поттик за луѓето да работат кон подобра иднина. Заев додава дека Северна Македонија е горда на нашата историја, но она што е најважно е иднината.
-Иднината е нешто што треба да го гарантираме и подобриме. Многу се плашам од национализмот, можеби затоа што сум од Западен Балкан. Свесен сум што се случи во другите делови на светот поради национализмот, а политиката на национализам кога е радикализирана, придружена со популизам, дефинитивно може да стане погубна. Има многу отрови во светот, но еден од најлошите е национализмот. Оние кои го искористуваат за да задоволат политички интереси кои служат за себе, понекогаш забораваат да си ги исчистат рацете и трујат сè ширејќи непријателство во општествата, вели Заев.
Тој додава дека привремено, национализмот може да донесе одредени придобивки за политичарите кои произведуваат ваков вид чувства, како што се пораст на популарноста, одржување на моќта, префрлање на вниманието од домашната политика , но на крајот тоа длабоко им штети на општествата.
-Национализмот може да ја уништи мојата земја одвнатре, но може да им наштети и на односите на Северна Македонија со Грција и Бугарија бидејќи провокациите и националистичката реторика може да им обезбеди на премиерите на Грција и Бугарија, доволно причини да преземат мерки против нас за да го заштитат нивното достоинство и гордост. Значи, национализмот не придонесува за градење пријателства, не поттикнува врски, не обезбедува просперитетна иднина, заклучува Заев.
Што значи членството во НАТО?
Заев вели дека членството во НАТО е особено важно за Северна Македонија, но и за целиот Западен Балкан, бидејќи е мултиетнички, полн со конфликти кои се генерирани низ историјата.
-Пред 18 години мојата земја доживеа конфликт, многу луѓе загинаа, млади луѓе, а да не зборуваме за Косово и Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, токму затоа има многу чувствителни прашања во овој регион. Затоа е потребна поголема безбедност, сигурност. Да се биде членка на НАТО не значи само сигурност и безбедност за нашата земја, туку тоа има и големо позитивно влијание врз регионот. Дополнително, во сите овие земји има различни религиозни групи, а верскиот радикализам сè уште демне. Покрај тоа, Западен Балкан се состои од земји во развој и има голема сиромаштија. Сите овие фактори можат лесно предизвикуваат конфликти, вели Заев.
Затоа според него НАТО значи внатрешен мир, стабилност, безбедност, безбедност, услови кои веднаш го фаворизираат економскиот развој.
– Ова е основа за секоја инвестиција, стабилноста го подобрува нашиот финансиски кредибилитет; овозможува нови работни места и сл. Значи, членството на Северна Македонија во НАТО сигурно значи стабилност за целиот регион. За мојата земја тоа значи дека една од нејзините најголеми стратешки цели е веќе остварена, вели Заев.
Руското влијание во Северна Македонија
На прашањето дали во Северна Македонија има руско влијание, поранешниот премиер вели дека таа пропаганда е присутна во целиот регион па и во Северна Македонија.
– Тие се против проширувањето на НАТО, дефинитивно си ги одржуваат своите политички, економски и енергетски интереси но нема ништо ново во тоа. Клучно прашање е каде ќе одлучиме да одиме, со кого да ја зголемиме соработката. Ние сме мала земја и добро е да соработуваме со сите. Меѓутоа, Русија, Кина и Блискиот Исток треба да знаат дека ја донесовме нашата одлука, која произлегува од нашето суверено право, да бидеме дел од НАТО и Европската Унија. Зошто? Затоа што ова ќе ни даде подобар живот. Тие ќе го прифатат тоа целосно – се надеваме – и тоа ќе ни даде можност да соработуваме со сите, но секако без да го загрозиме нашето учество во НАТО и во Европската унија, додава Заев.
„Агенда за поврзување“ или Берлинскиот процес
Во анализата се истакнува значењето на систематска интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ како најважната, ако не и единствената алатка за нивниот социјален и економски напредок и за подобрување на стабилноста и безбедноста на овој регион и на ЕУ како целина.
Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Севернa Македонија и Србија како дел од поранешна Југославија имаа долга традиција на соработка со Европската заедница, од усвојувањето на Декларацијата за односите меѓу СФР Југославија и ЕЕЗ во 1967 година па се до денес.
За жал- се вели во анализата, патот на овие земји кон европските меѓу интеграцијата и системот на вредности се покажа како пооптоварувачки и подолг отколку што многумина се надеваа пред неколку години. Оттогаш, ЕУ има усвоено многу „стратешки“ и „оперативни“ документи, „прогресивни извештаи“ и слично со цел да се најде начин за напредок.
Во заклучоците на анализата се вели дека интересна е иницијативата на Германија и Франција во рамки на Берлинскиот процес како европска иницијатива предводена од Германија, чија цел е да се олесни регионалната соработка меѓу Западен Балкан, шестте земји со цел да им помогнат да ги исполнат критериумите за приклучување кон Европаската Унија. Германската канцеларка Ангела Меркел ја покрена оваа иницијатива во 2014 година.
Нејзината најважна компонента според анализата е таканаречената „Агенда за поврзување“, која прва имаше за цел да го поврзе Западен Балкан на полето на транспортот и енергијата, подоцна беше проширен во младински размени и економски врски.
Стратегијата ги предложи и предизвиците, како што се нерешените спорови, различните економски и социјални прашања, тешкотиите во трајното воспоставување на владеењето на правото, безбедносните прашања и надворешните влијанија кои го одвлекуваат регионот од неговата европска вокација.
Што е ANETREC?
Покрај целокупната анализа во која како позитивен пример се истакнува работата на порашените премиери, Заев и Ципрас, реализирана е и наставна програма под раководство на ANETREC ( Академска мрежа поддршка на политиката на ЕУ кон Западен Балкан ) за чија цел сними 82 предавања на 45 професори од сите универзитети-учеснички.
Овие предавања се одржуваат во базата на податоци ANETREC чиј домаќин е Институтот ISCOMET во Марибор, а се достапни од летниот семестар на академската 2021/22 година па наваму за нивно користење за онлајн предавања на универзитетите-учеснички. Предметите се одржуваат самостојно или како дел од постоечките студиски програми. Универзитетите исто така имаат можност да ја акредитираат наставната програма како целина.
Партнерите во проектот ANETREC се надеваат дека реализацијата на оваа програма во образованието ќе има долгорочно позитивно влијание врз ширењето на духот на помирување, толеранција и соработка меѓу земјите од Западен Балкан, Словенија и Хрватска.
Освен тоа, по завршувањето на проектот ANETREC, собраните студиски материјали претставуваат добра основа за иден развој на различни форми на заеднички студии и истражувачки програми во Западен Балкан.
Повеќе од 80 особено млади професори и истражувачи кои беа индиректно вклучени во проектот ANETREC изразија подготвеност да учествуваат во предложените или слични теми и во образованието и во истражувањето.
Извор: Цивил Медиа