Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, на маргините на Министерскиот состанок на ОБСЕ во Лоѓ, Полска, се сретна со неговиот украински колега Дмитро Кулеба.
Како што соопшти МНР, на средба, Османи ја реафирмираше недвосмислената поддршка на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и солидарноста со украинскиот народ во нивната борба за враќање на слободата и надминување на последиците од руската воена агресија. Воедно, Османи подвлече дека поддршката на Украина ќе биде примарен приоритет и за време на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ идната година.
–Нашите напори ќе бидат фокусирани на обезбедување континуирано присуство и ангажман на ОБСЕ во Украина, обезбедување програмска поддршка во сите три димензии преку новоформираната Програма за поддршка за Украина, како и праќање на специјален претставник на претседавачот на ОБСЕ, за политичко известување, истакна Османи.
Министерот Османи, при тоа, изрази подготвеност, идната година да ги стави во функција сите капацитети и механизми на ОБСЕ, со цел помагање на засегнатото население во Украина во справувањето со предизвиците кои произлегуваат од енергетската и прехранбената криза, се наведува во соопштението.