Уставните измени треба што побрзо да станат тема во Парламентот. Апелирам за државен консензус по однос на европските прашања и за постигнување договор меѓу сите политички партии дека за европските прашања, кој и да е на власт нема да имаме разлики, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Шефот на дипломатијата на денешниот брифинг со новинарите посочи дека регулативите и директивите на ЕУ мора да ги прифати кој и да е на власт, јави МИА.
Погрешно е размислувањето дека ние преговараме со Европската Унија. Фиксни се регулативите и директивите. Вие мора да ги прифатите такви какви што се за да станете членка. Без разлика дали е СДСМ на власт или ДУИ или ВМРО, никој нема можност нешто да смени во делот на преговорите со Европската Унија. Единствено што може да смени е во динамиката на испорачување и во прифаќање, потенцираше Османи.
Тој порача оваа тема да се остави на страна во интерес на граѓаните кои сакаат влез во ЕУ, без разлика од која страна на политичка сцена доаѓаат.
Ако нема разлика, зошто тогаш да не ја оставиме оваа тема на страна, во интерес на граѓаните кои сакаат ЕУ и од едната и од другата страна на политичката сцена. Имаме доволно други теми за расправање, рече Османи.