Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Најголем дел од експертите и креаторите на јавното мислење во светот веќе излегоа со оценки за тоа дека 2022 година е една од најлошите години за светот во последните неколку децении. Некои велат дури и дека 2022 година е најлоша во изминатите 80 години.
Според анализата на Financial Times, тоа беше година во која доминираа несогледливи и непредвидливи настани со тешки последици и неколку преседани во поновата историја. Целосната руска инвазија на Украина ја донесе најголемата копнена војна во Европа од крајот на Втората светска војна. Големата инфлација се врати во глобалната економија, за прв пат по 40 години. Во иста насока оди и анализата на Bespoke Investment Group што ја објави Marketwatch. Анализата утврди дека 2022 година беше најлошата година за пазарите во најмалку пет децении.
Годината што го урна Источното Римско Царство
Со лошите оценки на 2022 година не се согласува Sky History кои наведуваат низа години во историјата на човештвото, кога било навистина тешко да се биде и да се остане жив. Така, тие ја посочуваат 536 година, кога Европа, Блискиот Исток и делови од Азија потонале во 24-часовен мрак цели 18 месеци. Тогаш, летните температури паѓаат на 1,5-2,5°C, предизвикувајќи пропаѓање на посевите и смрт на милиони луѓе од глад.
Причината за тоа била вулканската ерупција на Исланд, по која се пепелта се распространува низ поголем дел од северната хемисфера на Земјата и ја блокира сончевата светлина повеќе од една година. Со тоа почнува мизерија за човештвото која траела цела деценија. По катастрофалната ерупција следеле уште две во 540-тите што доведуваат до најстудената деценија забележана во последните 2.300 години. Сето тоа создава идеални услови за „Јустинијановата“ бубонска чума, првата пандемија на чума, која се шири низ Медитеранот. Чумата го чини европскиот континент околу 25-50 милиони смртни случаи, меѓу 35-55% од населението. Сето тоа води и кон колапс на Источното Римско Царство.
САД, зошто 2022 (не) беше многу добра година?
Анализите и оценките на креаторите на јавното мислење за 2022 година во САД се поделени. Некои сметаат дека 2022 година е многу добра за САД. Еден од нив е Џонатан Алтер, автор на книги за Рузвелт, Обама и Картер, во својата колумна за Вашингтон Пост го поставува (и го одговара) прашањето – „Зошто 2022 беше многу добра година?“, кој се согласува дека лошите вести од 2022 година не може да се игнорираат, но дека има многу причини за да се донесе висока позитивна оценка.
Сепак, ако се погледнат фактите за САД во 2022 година, на прв поглед изгледа дека нема многу место за оптимизам. Инфлацијата достигна највисоко ниво во последните 40 години. Масовните убиства со огнено оружје во рацете на цивили продолжија и однесоа десетици животи и внесоа терор низ целата земја. Голем број вести изминатата година дојдоа од јужната граница на САД со Мексико, каде што ситуацијата често предизвикува безбедносни и социјални проблеми. Последиците од пандемијата се чувствуваа низ целата година; повеќе од 261.000 Американци починаа од Ковид-19. И во 2022 година, САД остана длабоко поделена и политички поларизирана земја. И најголемите оптимисти, како и споменатиот Алтер, се согласуваат со овие факти.
Годината кога „Големите лаги“ на Трамп беа разобличени
Но сето тоа, и многу повеќе, не го колеба Алтер да каже дека „бурните денови во 2022 година не треба да значат дека облаците целосно го скриле сонцето“. Тој не е осамен во прогнозите кога вели дека, ако 2024 година биде океј (се мисли, ако победат Демократите на изборите таа година), историчарите веројатно ќе ја минимизираат инфлацијата и другите минливи неволји.
Според оптимистите, голема придобивка за американската, а со тоа и светската демократија, е во тоа што во 2022 година „Големите лаги“ на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, беа целосно разобличени. Тоа е и годината кога политичката сила на Доналд Трамп почна со видливо опаѓање.
Година на единство во поддршката на украинската борба за слобода
2022 година треба да се запомни како добра година и поради изграденото единство во контекст на руската агресија против Украина. На 21 декември, украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати во Конгресот на САД, каде што сведочеше за неизмерното страдање и разурнувања, но и за незаборавниот, восхитувачки слободарски дух на неговиот народ.
Кога Русија изврши инвазија во февруари, многумина прогнозираа дека Зеленски и Украина ќе бидат уништени за само неколку дена, дека тоа ќе биде само „прошетка од неколку дена“, како што веруваа Путин и другите злосторници во Кремљ, но кои очигледно беа спремни да извршат и најголемо злосторство против човештвото од крајот на Втората светска војна наваму.
Зеленски беше пречекан во Конгресот со подеднаква поддршка и од Демократите и од Републиканците кои се одлучни да ја пружат сета неопходна воена помош на Зеленски за да ја одбрани Украина, но и демократијата во целиот свет. Тоа е голем успех за Зеленски и за Украина, но и огромен успех за американската демократија. Американските политички елити покажаа дека можат да се обединат кога се работи за суштински важни прашања. Ова беше еден таков пример.
„Оваа година одново научивме дека демократијата и националната безбедност можат да функционираат заедно. Како и помошта што Френклин Д. Рузвелт ја одобри за Велика Британија во 1941 година, 45 милијарди долари помош за Украина да се одбрани од Путиновата инвазија – околу 5% од воениот буџет на САД – историчарите може да го сметаат за стожерна точка за меѓународниот поредок на овој век“ – пишува Алтер.
Сѐ погласна поддршка на Џо Бајден
Експертите и креаторите на јавното мислење во САД му даваат сѐ погласна и недвосмислена поддршка на Џо Бајден и неговите политики. Проектите на Бајден се успешни. Оваа констатација може да се прочита во голем број анализи и коментари и кај оние што им се наклонети на Независните, но дури и кај политичките аналитичари кои се наклонети кон Републиканците.
Само во 2022 година беа донесени низа клучни закони и мерки во САД. Меѓу другото, стратешки важно беше носењето на Законот за чипови и наука, кој вклучува огромни инвестиции во развојот на домашната полупроводничка индустрија, каде што Кина е светски доминантен производител. Иако со скромни мерки, сепак, за првпат по речиси 30 години беа донесени законски мерки за безбедност и поседување огнено оружје.
Силно одекна и кодификацијата на правата во истополовите бракови. Во 2022 година беше назначена и првата црна жена судијка на Врховниот суд. Со Законот за намалување на инфлацијата се одобрија 370 милијарди долари инвестиции во чистата енергија. Следеа буџетски и законски решенија за инвестиции во отворањето нови работни места во одбраната, здравството и образованието.
И тоа е само еден дел од големиот број мерки и нови проекти на администрацијата на Бајден. На сето тоа, Претседателот Бајден успеа да обезбеди на политичко единство за поддршка на главните проекти што ги започна и ги води во исклучително кризни времиња за целиот свет и за САД.
Изборни реформи за нов лик на демократијата
САД ги очекуваат и изборни реформи, за да се отстранат слабостите на американскиот изборен систем кој е застарен и подложен на закани по слободните и фер избори. Тоа конечно стана јасно во САД, и сѐ повидлива е решеноста на политичките, општествените и законодавните елити „од двете страни“ на политичката поделба, да се започне тој процес. Се подразбира, реформите во изборниот систем претпоставуваат и низа други системски промени. Со реформиран изборен систем, демократијата во САД ќе добие нов, посовремен лик.
Изборните реформи не се значајни само за САД. Како глобален лидер, САД ќе предизвикаат бран на изборни, но и други системски реформи во целиот свет. Можеби тоа ќе биде импулс повеќе и за оваа точка на Земјината топка (Северна Македонија) да ги придвижи процесите за кои веќе доби прилична (милионска) сума на пари да ги спроведе изборните реформи. Но да не скориваме јадови и да се задржиме на меѓународната политика… Побезболно е.
Тешко е да се биде оптимист
Тешко е да се биде оптимист на крајот од 2022 година, иако мора да се признае дека се силни и аргументите што повикуваат на оптимизам. Европа, се разбира, се наоѓа во потешка состојба отколку САД, ако не поради нешто друго, тогаш поради фактот што на нејзино тло се одвива огромна и крвава војна.
Русија води жестока хибридна војна против Европа и целиот слободен свет, претворајќи ја храната и енергенсите во оружје. И секој ден убива цивили во Украина, како одмазда поради понижувачките порази на повеќе од 1.000 километри долгиот фронт.
Настаните во 2022 година се светска пресвртница и во многу нешта ќе влијаат на иднината на светот. За минатото вреди да се размислува само со отворени очи и реалистично, со мисла насочена кон иднината. По сѐ што му се случи на светот во изминатите неколку години, а особено со руската агресија, мора да се има претпазлив поглед кон иднината. Додека се грееме со ролки и ќебиња, наместо со греење пуштено на максимум.
ПС. Среќни празници. Земете пример од Украинките и Украинците. Во мрак и студ, под жесток оган од ракети и дронови, нив ги грее и осветлува идеалот на слободата.