Пишува: СОЊА КРАМАРСКА
Влезот во Новата 2023 година како никогаш досега ги исполнува со немир политичките структури кои работат на продолжувањето на преговорите за членство во ЕУ. Владата ги нема сите карти во рака кога се во прашање уставните измени кои се дел од преговарачката рамка, а опозицијата стои цврсто на ставот дека нема да испорача поддршка, без која не може да се дојде до 80 гласа „за“ уставните измени.
2023 година е и последна календарска година од мандатот на претседателот на државата, но и на Владата бидејќи напролет во 2024 и на почетокот на летото ќе треба да се одржат претседателски и парламентарни избори, за кои нема да биде изненадување ако се одржат заедно пролетта 2024. Тоа значи предизборни престројувања, калкулации и многу нервоза на политичката сцена во 2023 година.
Затоа, без претерување може да се каже дека 2023 година ќе биде турбулентна и неизвесна, со вклучена прогноза дека доколку тргне нешто наопаку при гласањето за уставните измени, може да дојде дури и до предвремени парламентарни избори. Премиерот Ковачевски кагегорично вели дека изборите ќе се одржат во редовниот термин, меѓутоа, постапката и амбиентот кој никој не може да го предвиди сега, може да донесат и поинакви одлуки и чекори.
Извесно е дека опозицијата и во 2023 година ќе врши притисок за предвремени избори. Анкетата на ИРИ покажа предност во рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ што е уште една причина за Мицкоски и тимот да бараат предвремени избори.
Ниту внатрепартиската атмосфера нема да биде подобра. Во втората половина на 2023 СДСМ ќе мора да ги исцрта контурите на својот претседателски кандидат. Од силната ПР кампања на Пендаровски може да се заклучи дека тој сака повторно да учествува во претседателската трка. Но иако во СДСМ тоа прашање уште не почнало да се разгледува, амбиентот не е во полза на Пендаровски на кого му се припишува преголемо солирање, кокетирање со опозицијата и изненадувачка лојалност кон ДУИ. Неговото позиционирање на политичката сцена како да е посматрач а не актер во политиката со највисока позиција, создаде недоверба кај партијата која го лансираше и го изгласа на претседателските избори во 2019. Неговите потези пак со вклучување во борбата на ранливите социјални групи, децата, одењето во домашни посети и посети на бизниси и претпријатија, го направија повеќе фигура на периферијата отколку фигура во центарот на македонската политика.
Кога станува збор за политиката, повторно се враќаме на уставните измени кои се клучот за сите идни случувања. Консултациите за тоа прашање се веќе започнати. Доколку уставните измени не успеат, тоа ќе ја намали политичката сила на владејачките партии, со што ќе се намали и интересот за трка за највисоките функции. Доколку пак успее овој важен процес, партиите од власта добиваат нов ветер во грб и нови хоризонти во идните политички случувања.
Секако централно прашање ќе биде и дали Македонија ќе се одлепи од корупцијата која е причина за загриженост не само дома туку и кај партнерите, особено САД. Сигналите што пристигнуваат се дека 2023 ќе биде година да се биде или не во поглед на борбата против ова широко распространето зло кое ја разјадува државата и создава недоверба во нејзината меѓународна позиција.
На надворешно политички план, Македонија од јануари 2023 го почна претседавањето со ОБСЕ. Одлуката за тоа беше донесена со консензус на членките, на министерскиот состанок на ОБСЕ во Тирана во 2020 година. ОБСЕ е единствена организација каде заедно членуваат САД и Русија, сите одлуки се носат со конзенсус и поради војната во Украина, функционирањето на организацијата во која членуваат 57 држави е исклучително отежнато што ќе биде голем предизвик за македонското претседателство.
Анализирајќи ја оваа состојба неодамна шефот на дипломатијата Бујар Османи рече дека Македонија во својата политика ќе се држи до принципите и заложбите на ОБСЕ.
„Како претседавачи на ОБСЕ ние сме заштитници на вредностите на организацијата и чувари на заложбите. Ако една земја учесничка ги има повредено тие заложби, не можеме заради потребата од консензус во самата организација да правиме компромиси со основните вредности за што постои организацијата. Русија преку агресијата врз Украина ги прекршува сопствените заложби како членка на ОБСЕ и заложбите на организацијата“, рече Османи.
Косово иако директно не ја засега Македонија, поради интересот на албанските партии за неговото целосно признавање, и особено нормализацијата на односите меѓу Приштина и Белград, е неизбежен дел некогаш на маргините на македонската политика, но често и во нејзиниот центар поради безбедносните импликации кои ги емитува во регионот. Останува да се види дали 2023 ќе донесе промени на тој план или Косово и Србија и натаму ќе продолжат во ситуација на замрзнат конфликт.
Војната во Украина и можноста таа да заврши во 2023 година се тема на сите светски анализи и прогнози. Една од можностите што се разгледуваат е и да се одржат мировни преговори со посредништо на Обединетите Нации поточно на генералниот секретар Антонио Гутереш. Украина јавно истакна дека е за тоа мировната конференција да се одржи до февруари но изрази и сомневање дека Русија ќе седне на масата за разговори за крај на војната. Ултиматумот што го издаде Русија, дека или Украина ќе им ги отстапи окупираните територии или Кремљ ќе ја реши судбината на Украина, меѓутоа, не дава надеж дека војната може да заврши брзо. На 24 февруари 2023 ќе се наврши една година од руската инвазија на Украина, чин што ги фрли Европа и светот во неизвесност и економска криза од досега незапамтени размери.
Вообичаено на влезот на секоја нова година велиме дека државата ја очекуваат неизвесни времиња, но овојпат 2023 навистина ќе биде година на пресвртници во Македонија, поради уставните измени, наближувањето на претседателски и парламентарни избори, како и продолжените последици од војната во Украина кои за целиот континент и пошироко значат економска и безбедносна криза. Клучното прашање ќе биде дали Македонија ќе успее да се извлече од балканскиот вител и да ги продолжи преговорите со ЕУ, или повторно ќе заглави во историски расправи и криза во односите со Бугарија.
Извор: НоваТВ