„Годишно добиваме по околу 100 милиони евра само европски пари. Покрај тоа имаме и неколку клучни и стратешки партнери или донатори за развој, покрај ЕУ, како најголем и најважен инвеститор во нашиот развој, како што се САД, Велика Британија, Швајцарија, Шведска, Германија и други“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на годишната конференција „Година на нови можности“.
Тој додаде дека идејата на Владата е да се продолжи со координација на донаторите и да се доведе во врска со националниот план за развој, со цел долгорочно да се определат приоритетите.
„Секој донатор кога ќе дојде кај нас да има увид во тоа кои се приоритетите, за што имаме обезбедено домашни средства, за што имаме пари од Е и каде се потребни средства. Тоа е важна компонента на развојот и преговорите, бидејќи преговорите и искористувањето на парите одат рака под рака“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека ИПА средствата и парите за помош се убавото лице на ЕУ интеграции, кои ќе помогнат на државата да ги изведе тешките реформи.