Во услови на континуирано и тензично преиспитување на потребата од нови даноци, академик Абдулменаф Беџети како суштински аргумент ја посочува науката, а таа според него, не нуди докази дека повисоките даноци негативно влијаат врз економскиот раст. Проблемот според него е кај нас, бидејќи недомаќинското трошење на јавните пари не влева доверба дека приходот од даноците ќе заврши на вистинските места во смисла на подобрување на јавните услуги.
„Јас се залагам за транзиционен период во прогресијата и тоа првата стапка да се задржи на 10% и втората стапка да почне со праг од над 100.000 денари со 14 или 15% за по 3 до 5 години да се воведе и третата стапка од 20%. Со ова и бизнис заедницата би имала време за прилагодување и планирање, но да биде проследено со подобрување на институциите и ефикасна алокација на јавните расходи, со приоритет во продуктивни и капитални инвестиции“, вели Беџети во интервју за „Локално“.
Во оваа насока се и пресметките и симулациите кои според него покажуваат дека доколку се воведе прогресија на данокот на добивка од втора стапка по 20% од праг над еден милион евра буџетот би добил над 70 милиони евра годишно повеќе. Тоа се значителни фискални ресурси со кои може да се подобри образованието, здравството, па и некои социјални програми.
Овие цели од друга страна мора да претпостават финансиска дисциплина и одговорност за потрошените јавни пари.
„Системот на контрола на јавните финансии нормативно добро ги регулира овие аспекти. Проблемот е во одлучноста за одговорност во случај на неекономско и недомаќинско управување. Кој поднел одговорност или пак му бил запленет или пак конфискуван имот стекнат на противправен начин?“ прашува Беџети.