НАТО ќе и помогне на Украина да воспостави сопствен систем за набавка на оружје што е „ефективен“ во справувањето со руската инвазија, изјави во вторникот генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Покрај тоа, НАТО, Украина и Европската унија се согласија да свикаат група експерти за набавка на оружје за да видат како можат да му помогнат на Кијив „да се осигура дека ќе го добие оружјето што му е потребно“, рече Столтенберг.
❝NATO and the EU together, standing with Ukraine❞
Secretary General @jensstoltenberg, Foreign Minister @DmytroKuleba and High Representative @JosepBorrellF met at #NATO, discussing ways to continue supporting ??
— NATO (@NATO) February 21, 2023
Шефот на НАТО се состана со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел, само неколку дена пред првата годишнина од руската инвазија и во време кога Киев бара од своите сојузници да достават повеќе оружје со долг дострел.
„Мораме да бидеме свесни за фактот дека од февруари 2022 година, Украина и нејзините најблиски партнери ја спроведуваат најголемата логистичка операција од Втората светска војна и зад големите политички одлуки и декларации стојат милиони прашања кои треба да се решат“, рече Кулеба.
Тој додаде дека колку поголема координација меѓу НАТО, Украина и ЕУ, толку побрзо украинската армија ќе може да ја потисне руската армија од нејзината територија.
Столтенберг загрижен поради вмешаноста на Кина
Во меѓувреме, Столтенберг ја изрази својата загриженост за можноста Кина да ги поддржи воените напори на Русија со снабдување со оружје. Ова првично беше покренато од американскиот претседател Џо Бајден претходно оваа недела.
„Исто така, сè повеќе сме загрижени дека Кина можеби планира да обезбеди смртоносна поддршка за руската војна“, рече Столтенберг. „Путин не смее да победи, тоа ќе покаже дека агресијата функционира и силата е наградена. Тоа ќе биде опасно за нашата сопствена безбедност и за целиот свет“.
Борел бара повеќе финансиски донации
Што се однесува до поддршката од ЕУ, Борел рече дека е за користење на Европскиот фонд за поддршка на мирот, кој го користеа од почетокот на војната за оваа намена. Тој, исто така, побара од земјите-членки да размислат за да придонесат повеќе пари надвор од колективниот фонд.
На Советот за надворешни работи во понеделникот, министрите за надворешни работи на ЕУ разговараа за планот на Естонија за заедничка набавка на муниција во вредност од 4 милијарди евра.
Подготви: А. Р.
Извор: Еуроњуз