Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Да одиме со ноторните факти. Денес бележиме една година од инвазијата на Русија во Украина. Украина е огромна земја која против себе има земја која, пак, е толку огромна што на човек пред топчест глобус или картографски приказ ќе му застане паметот. А тоа што мене страшно ме потресе слушајќи го Путиновиот говор, мислам дека на секој што нешто сака да каже на оваа тема, мора да го прочита или послуша тоа што Путин го зборува.
Не е на одмет да кажеме дека идеолошката позиционираност на Путин лежи во метафората на Александар Дугин која гласи: „лагите се бајковито оружје“. И сѐ што Путин изговори, беше чиста лага. Првата лага која е изговори Владимир Путин е дека Украинците се приктично нацисти, а Русите во Украина рушат нацистички режим; и дека режимот во Киев е нацистички. Идентична реторика со првиот говор од минатата година во кој, тие, Русите, водат војна заради денацификација на Украина.
Ајде да видиме кој застапува политика од нацистичка позиција. Година 1938, Хитлер: „Австрија е историска грешка која мора да ја поразиме“. Година 2022, Владимир Путин: „Украина е историска грешка која мора да ја поразиме“. Хитлер 1938: „Ние не ја освојуваме, ние само ја штитиме и го обединуваме Германскиот свет“. Путин, 2022 година: „Ние водиме акција за заштита на Рускиот свет, на подрачјето на бившот Советскиот сојуз и Царска Русија“. Не треба да сте исклучително паметен за да приметите кој тука настапува од Хитлеровски позиции.
Друга голема лага е дека Украина ја нападнала Русија заедно со Западот, а дека тие, Русите, водат одбрамбена војна со цел да воспостават мир. Ајде да видиме што велат фактите, лесно проверливи: година 1994, Украина е членка на Обединетите нации, независна држава и голема нуклеарна сила. Во Будимпешта се потпишува меморандум со кој, Украина својот нуклеарен потенцијал ѝ го поклонува на Русија. А Русија за возврат гарантира – со потписите на Запад – САД и Британија, дека Русија ќе го штити територијалниот интегритет и суверенитет на Украина во тогашните граници на Украина кои тогаш го уклучуваа и Крим. Откако го грабна нуклеарниот потенцијал на Украина, режимот на Владимир Путин после 2007 година тргна во обратна насока.
Година 2014, на Мајдан, народот се побуни затоа што прорускиот претседател на Украина Јануковиќ, не го исполни предизборното ветување, и одбива да го потпише веќе готовиот договор за Европскиот пат на Украина. Никој не спомнува членство во НАТО за Украина, а дури и кога би сакала, Западот изричито велеше дека Украина не може да влезе во состав на НАТО алијансата. Одговорот на Мајданскиот протест беше реакција на тоа што Русија со своја војска влегува на територијата на Украина во 2014 година. Потоа режира две независни републики Доњетска и Луганска, го наоружува тамошното население, тоа голорако, сиромашно граѓанство кое нема никакво воено искуство. Од 2014 година потпишувани се некакви договори кои немаат големо влијание во односот на двете земја за, потоа, во 2022 година, Владимир Путин да влезе во отворена војна со Украина.
Путин на Украинците 365 денови им го поништува правото на национален идентитет, рече дека Украинците се преобратени Руси, дека тие настанале благодрание на Рускиот народ, им го скрати правото на земја, а истокот на Украина всушност бил измислена земја од Ленин кој им ја поклонил на Украинците. Ленин, според зборовите на Путин, ја измислил Украина, а западот на Украина Сталин го грабнал од Германците. И кога така одиме чекор по чекор, и ако малку се присетиме што нам ни се зборуваше пред неколку недели, а што за некои други народи се зборуваше пред 35-40 години, ќе видиме дека всушност Путин за Украинците зборува потполно иста работа како што денес нам ни зборуваат некои маргинални и радикализирани Бугари. Натаму, ако се присетиме, ќе видиме дека Шешељ 1989-90 година зборуваше за Хрватите дека не постојат како Хрвати, дека се тоа австријци или италијани; и дека сите хрвати, од тогашната перспектива на Шешељ, се „покатоличени срби“. И во основа „усташи“.
Владимир Путин, освен што рече дека Украинците ја изневериле нацијата и верата на прататковците, Украинците генерално се и нацисти.
Многу ми е драго што мојата земја, Северна Македонија, има ангажиран став кога се работи за страдањето на Украинците. Немам сомнеж дека нашата поддршка за Украина е симболичка, и генерално нема многу да им помогне, ама ставот и поддршката кон Украина е од морална природа. Важен е гласот на мојата земја за она кое го знае секој еден осмооделенец: не може да се биде апатичен пред призорот на големиот неранимајко и силеџија како го толчи и го понижува некој клинец во училишниот двор, го тепа и му ги соблекува патиките. А уште поодвратно ќе биде морализирањето дека клинецот е сам виновен за тоа што му се случува.
А најтрагичното е тоа што толку многу Украинци се побегнати од Украина, а некои други луѓе ги гледаат сомничаво: дали ти воопшто постоиш, знаеш ли кој си и каде си? Или можеби оние другите многу повеќе знаат што си ти и кој си од тебе самиот? Незгодно е кога си создал едно место за живот, а некоја будала те набрка затоа што ете, не си тоа што си, туку си можеби нешто друго, а за тоа нешто друго ни самиот немаш појма што си и кој си. А тие што тоа го велат, најчесто се спремни за најголемите зла, несвесни за тоа до каде можат и смеат да одат.
Година дена подоцна, гледаме, Украина се’ уште стои на нозе, го брани својот суверенитет и интегритет достоинствено и храбро. Украина денес, не само што се брани себе, ја брани Европа и ја брани целата западна хемисфера и целиот слободен свет.
Ако на тоа човек не може да се поклони, тогаш тоа и не е човек. Од друга страна, можеби не можеме да влијаеме на светската историја, ама барем можеме да учествуваме и бидеме дел од неа, и отворено да посакуваме дека Украина ќе успее и стане тоа што отсекогаш и била: суверена, своја и Европска земја.