Неколку дена по годишнината од руската инвазија врз Украина. Земјата е во 369-от ден војна.
Ова се главните теми кои го одбележаа денешниот ден.
Дипломатија
Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Брнс денеска оцени дека рускиот претседател Владимир Путин, соочен со тешкотиите на неговата армија во Украина, знае дека засега не може да ја добие војната, но е уверен дека ќе ја извојува конечната победа.
Руската инвазија врз Украина ги предизвика „најмасовните прекршувања на човековите права што ги живееме денес“ изјави денес генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
САД ја предупреди Кина дека ќе сноси сериозни последици доколку обезбеди оружје за руската инвазија врз Украина. Вашингтон и сојузниците во НАТО се обидуваат да ја одвратат Кина од воена помош за Москва, бидејќи се сомневаат дека Пекинг размислува да обезбеди оружје, вклучително и беспилотни летала.
Анализа на Бан Ки Мун и Хуан Мануел Сантос во Proyect Syndicate: Со загрозени основни принципи на суверенитет и независност, неутралноста не е опција.
Преговорите меѓу Турција, Шведска и Финска за влез на двете нордиски земји во НАТО ќе продолжат на 9 март, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.
На фронтот
Статусот на Бахмут останува нејасен – руската агресија беше дочекана со жесток украински отпор. Иако Москва зазеде голем дел од соседниот регион Луганск, кој заедно со Доњецк го формира Донбас, регионот Доњецк останува поделен меѓу украинската и руската контрола. Сличен статус имаат и други блиски градови, како Вуледар и Маринка.
Руски цивилни окупатори работат на демонтирање на станбени згради во Мариупол.
Во привремено окупираниот украински град Мариупол, заедно со неговите околни села се евидентира активно движење на руската војска, како и пристигнување на новомобилизирани руски сили.
Едно лице загина, а четворица се ранети во западна Украина во руски напад, што ноќеска бил извршен со десетина ирански беспилотни летала.
Украина формира борбена единица задолжена за чистка и ослободување на окупираните територии. Борците во новоформираната борбена единица на Министерството за внатрешни работи на Украина ќе извршуваат различни задачи, вклучувајќи нападни мисии, операции за чистење и ослободување на територии.
Русија загрижена поради експлозиите во окупираниот Мариупол, град кој претходно го проценуваше како надвор од опсегот на украинските ударни способности. Од 21 февруари 2023 година, проруските власти пријавиле најмалку 14 експлозии околу градот Мариупол, окупиран од Русија.
Русите гранатираат станбени објекти и индустриски зони во регионот на Доњецк, оштетувајќи куќи, стадион, продавница и градинка во регионот.
Оштетен е руски извидувачки авион во Белорусија – опозиционерката Тихановскаја горда на герилците.
Зеленски го разреши командантот на украинските здружени сили генерал-мајор Москалов.
Херојски операции на Украинските железници. Од почетокот на руската инвазија, Украинските железници превезоа четири милиони луѓе во Западна Украина и над половина милион до дестинации надвор од земјата.
Подготви: А. Ристески