Украина денес е во 370-от ден војна, откако Русија изврши инвазија врз земјата.
Ова се главните теми кои го одбележаа денешниот ден.
Дипломатија
Претседателот на Украина Володимир Зеленски се сретна со американската министерка за финансии Џенет Јелен, која е во посета на Украина. Тој ја истакна одлуката на американската администрација објавена на 24 февруари да додели 9,9 милијарди американски долари директна буџетска поддршка за Украина во 2023 година.
Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг денеска изјави дека Украина ќе стане членка на НАТО, но „во долгорочна перспектива“. Земјите на НАТО се согласни дека Украина треба да стане членка на Алијансата, но во исто време тоа е долгорочна перспектива, рече Столтенберг за време на посетата на Финска, повикувајќи да се изгради „рамка“ за да се спречи во иднина Украина повторно да биде нападната.
Јапонскиот амбасадор во Украина, Кунинори Мацуда во своето обраќање на третиот украинско-јапонски форум рече дека за Јапонија или било која друга земја не постои опција за неутралност во контекст на војната во Украина.
Американската потсекретарка за контрола на вооружувањето Бони Џенкинс ја критикуваше Русија за суспендирањето на учеството во последниот преостанат договор за нуклеарно оружје, но кажа дека Вашингтон, сепак, ќе работи со Москва за да продолжи со спроведувањето на договорот.
Финска е чекор поблиску до НАТО, нема да ја чека Шведска. Двете земји за првпат самоиницијативно побараа да влезат во НАТО, откако Русија изврши инвазија врз Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски преку објава на својот Твитер профил потсети дека апликацијата за членство на Украина во ЕУ е потпишана пред една година и повика на почеток на преговарачкиот процес.
На фронтот
Русија до сега има депортирано повеќе од 16.000 деца од Украина. Едно од најеклатантните злосторства е присилната депортација на украински деца во Русија и Белорусија. Во мај 2022 година, Путин потпиша указ за поедноставена процедура за добивање руско државјанство за децата од Донбас, Запорожје и Херсон.
Шефот на украинското разузнавање Кирило Буданов изјави дека следните три месеци се одлучувачки за понатамошниот тек на настаните, а дека руските ресурси се доста ограничени.
Ситуацијата околу битката за Бахмут е екстремно напната, делумно поради вмешаноста на најобучените јуришни единици на руската платеничка група Вагнер. Украинските трупи се борат да го задржат пристапот до Бахмут, откако во последните неколку недели руските сили постепено напредуваа северно и западно од градот.
Руските трупи го гранатираа градот Херсон. При гранатирањето уништена е приватна станбена зграда каде едно лице го загуби животот, а беше повредена една жена.
Руските напаѓачи синоќа го гранатираа градот Свјатохирск во областа Доњецк, погодувајќи единица на Државната служба за вонредни состојби, при што загина еден спасувач, а четворица се повредени.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неговото обраќање до нацијата рече дека се влошува ситуацијата околу Бахмут, на истокот на земјата. Руските сили од минатото лето се обидуваат да го заземат Бахмут, чија стратешка важност е спорна, но која стана симбол на борбата за контрола на Донбас, во источна Украина.
Подготви: А. Ристески