„Јавно поставувам прашање и дилема, дали претставници на ВМРО-ДПМНЕ пред одредени големи и влијателни странски амбасади во државава давале ветување дека доколку прво има избори и дојдат на власт, ќе спроведат уставни измени? Да кажат и дали покрај тоа биле спремни кај одредени амбасади да дадат и писмена гаранција за тоа?“ запраша потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев во емисијата „Патот кон“ на АлсатМ.
Тој рече дека е жално што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ јавно потпишуваат нотарски изјави дека нема да гласаат за уставните измени, Мицкоски и врвот на партијата водат јавна кампања за наводна бугаризација, а во позадина по странски амбасади даваат гаранции дека ќе ги изгласаат уставните измени доколку дојдат на власт.
„Во средбите со странските амбасади кажуваат дека главна цел на ВМРО-ДПМНЕ било да нема уставни измени пред изборите, надевајќи се дека така ќе добијат поени на темата Бугарија за да дојдат на власт, а потоа да ги излажат граѓаните и да спроведат уставни измени“ рече Богоев.
Потпретседателот на СДСМ ги повика ВМРО-ДПМНЕ да се надминат себе си и да донесат државничка одлука и да гласаат за уставните измени.
„Ајде да одиме да ги изгласаме уставните измени. Тоа е број еден приоритет за државата да оди напред, а веднаш потоа нека се распишат избори. Но, ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени“ рече Богоев.