На состанокот на министрите за одбрана на ЕУ во Шведска, германскиот министер за одбрана, Борис Писториус изјави дека вкупно 9.000 војници на вооружените сили на Украина ќе поминат обука во Германија до крајот на годината, пренесува Укринформ.
„Министерот за одбрана Писториус најави испорака на 18 германски „Леопард 2“ на Украина до крајот на овој месец и обука на околу 9.000 украински војници до крајот на годината“, напиша германското сојузно министерство за одбрана на Твитер.
Забележано е дека за време на неформалниот состанок во Стокхолм, Писториус се сретнал со партнерите од „тенковската коалиција“ – претставници на Португалија и Шведска.
Како што е соопштено, во Стокхолм од 7 до 8 март се одржува неформален состанок на министрите за одбрана на ЕУ под покровителство на Шведска, која претседава со Европската унија. Клучното прашање на состанокот е забрзувањето на воената поддршка за Украина.
Подготви: А. Р.