За мене етничката припадност не е професија, секој којшто исполнува професионални критериуми, којшто се стекнува со знаење со искуство, со посветеност со работа може да биде претседател на Влада особено во технички мандат, рече премиерот Димитар Ковачевски во гостувањето во Сител телевизија, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со наредниот технички премиер кој го најавува ДУИ.
„Сме имале и премиер којшто е Влав, којшто успешно се справувал со предизвиците додека ја извршувал својата функција и затоа сметам дека тоа е нешто што апсолвирано во јавноста уште пред три години. Во однос на техничката влада тука би сакал да кажам еден мој личен став, сметам дека тип на таква пржинска влада на нашата држава воопшто не е потребен. Зошто? Бидејќи таа влада беше договорено ние едни тешки преговори кога нашата држава беше заробена држава не само според нас внатре, туку и според сите меѓународни рангирања во државата кога беше објавено дека државните институции се злоупотребуваат политички во цел на избори за една политичка партија од страна на ВМРО-ДПМНЕ и како резултат на преговори си дојде до една техничка влада од 100 дена која што ги спроведува изборите. Земја која што е членка на НАТО, бидејќи ние тоа време не сме биле членка, земја која што отвори преговори со ЕУ, земја која претседава со ОБСЕ, земја која што во моментов е фактор на стабилноста на Балканот според се она што се случува кај нас, сметам дека не треба да има, но сепак тоа е работа на политички договор на сите политички партии во државата“, рече Ковачевски.
Тој додаде дека се подготвува и нов Изборен законик во работна група на Министерството за правда и се надева дека ќе биде подготвен до наредните парламентарни избори.
„Граѓаните повторно ќе ја изберат оваа коалиција на избори, јас сум убеден во тоа, бидејќи нашите граѓани сака про-европска влада, влада која ги зголемува пензиите, која ги зголемува платите, влада која што носи антикризни мерки најголеми во регионот и која што ќе ја продолжи европскиот пат на државата“, истакна премиерот.
Премиерот нагласи дека прашањето за предвремени избори е затворено.
„Претседателските избори ќе се случат во својот термин 2024 година, кога ќе победи кандидат предложен од СДСМ и после тоа ќе има парламентарни избори на коишто повторно граѓаните ќе се определат за СДСМ и коалицијата, бидејќи граѓаните не сакаат психо-националистичка коалиција од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица со којашто ќе имаат неизвесна иднина“, заклучи Ковачевски.