Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш го осуди уништувањето на Украина во руската инвазија, нарекувајќи го кршење на меѓународното право, на седницата на Советот за безбедност со која претседаваше рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Руската инвазија на Украина, со која се прекршува Повелбата на ОН и меѓународното право, предизвикува страдање на голем број луѓе, уништување на земјата и нејзините жители, ја влошува економската криза како резултат на пандемијата на коронавирус, изјави Гутереш пред Лавров, кој претседаваше со седницата на Советот посветена на одбраната на принципите на Повелбата на ОН.
Мултилатерализмот е под притисок како никогаш од основањето на Обединетите нации, истакна Гутереш, велејќи дека тензијата меѓу суперсилите е на највисоко ниво.
Соочени сме со кризи кои се испреплетени на невиден начин, додаде тој, предупредувајќи на опасност од конфликт.
Г. Т.