„Ако го погледнеме Извештајот за слободата на медиумите, ќе видиме дека на триесет годишнината откако е воспоставен Светскиот ден на слободата на медиумите ние немаме многу причини за славење. Ако ги погледнеме кои се бројките во 2022 година со речиси 70 потврдени убиства на новинарки и новинари и медиумски работници во светот, што е двојно повеќе од претходните години“, истакна Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ на панелот „Дезинформациите и пропагандата ги кршат човековите права“.
Дерала истакна дека не треба да се заборават и над 600 заробени новинари во светот од различни диктаторски режими.
„За жал, најтрагично е во Руската федерација каде што огромен број новинарки и новинари што се дрзнаа да зборуваат против воената агресија или против владеењето на Путин, минатата или во изминатите години, сега се зад решетки осудени на долгогодишни робии“, рече Дерала.
Дерала истакна дека иако самиот Извештај зборува за напредокот на медиумските слободи во нашата земја, истакнува забелешки што се резултат и на работата на ЦИВИЛ.
„Извештајот е важен и како поттик, но и како аларм до релевантните институции и чинители, граѓанското општество, медиумите, да работат повеќе на надминување на тие слабости и идната година да бидеме уште повисоко рангирани“, додаде Дерала.
Б. Јордановска
камера и монтажа: Ариан Мехмети / Цивил Медиа