Словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар денеска во Скопје изјави дека според нејзините сознанија иницијативата која ја покренаа седум земји-членки на Европската Унија, меѓу кои и Словенија за промена на начинот за носење одлуки за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се однесува и на процесот на проширување.
-Словенија е една од оние седум држави кои сакаат некои прашања да не се решаваат со консензус, туку со мнозинство. Колку што знам и колку што следам тоа се однесува и на процесот на проширување и тоа може да го олесни патот на која било држава која сака да влезе во ЕУ, рече Пирц Мусар, одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со претседателот Стево Пендаровски.
Таа нагласи дека Словенија ги поддржува промените во ЕУ и додаде дека понекогаш да се бара консензус за одредени прашања од сите земји-членки е многу тешко и доаѓа до застој внатре во некои процеси во Унијата.
Според Пирц Мусар блокадите внатре во ЕУ се понекогаш последица на лоши одлуки, кои не ги движат работите во насоката, која таа ја посакува, особено во однос на решенијата кои се однесуваат на регионот на Западен Балкан.
-Словенија и во иднина ќе поддржува одлуките да не се усвојуваат со стопроцентен консензус, додаде словенечката претседателка.