Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави денеска дека сака неговата земја да добие политичка покана за членство во НАТО на состанокот на врвот на Алијансата што ќе се одржи следниот месец во Литванија, објави Ројтерс.
„Има многу причини да се упати политичка покана до Украина за приклучување во Алијансата“, напиша тој на апликацијата за размена на пораки Телеграм.
Украинскиот претседател побара и безбедносни гаранции од НАТО доколку неговата земја во блиска иднина не стане членка на воениот сојуз.
Тој рече дека постои „целосно разбирање за безбедносните гаранции за Украина до моментот на пристапување“ во Алијансата, но не објави дополнителни детали.
Министерот за одбрана Олексеј Резников минатата недела изјави дека очекува Кијив да добие јасен сигнал и „формула“ за покана за членство во НАТО на самитот што ќе се одржи во Вилнус од 11 до 12 јули.
Зеленски веќе извесно време интензивно се залага за членство на Украина во НАТО, но изрази разбирање дека приклучувањето е невозможно се додека војната се уште беснее во Украина.
Украинскиот претседател потврди дека телефонски разговорал со шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром околу кандидатурата на Шведска за членство во НАТО.
Г. Т.