Холандскиот премиер Марк Руте изјави дека Холандија и Данска ќе и достават неодреден број борбени авиони Ф-16 на Украина штом ќе се исполнат условите за трансфер, пренесува Ројтерс.
Ова ветување, дадено за време на посетата на украинскиот претседател Володимир Зеленски на Холандија, е првото вистинско ветување за испорака на Ф-16 на украинските вооружени сили. Тоа доаѓа неколку дена откако САД одобрија можна испорака на борбени авиони од Холандија и Данска.
Иако Холандија не објави колку авиони Ф-16 ќе им испрати на Украинците, украинскиот претседател Володимир Зеленски го направи тоа на Твитер.
„Марк Руте и јас постигнавме договор за бројот на авиони Ф-16 кои ќе бидат префрлени во Украина откако нашите пилоти и инженери ќе ја завршат обуката. 42 авиона. И тоа е само почеток“, напиша Зеленски.
Today, we took another step to strengthen Ukraine’s air shield. F-16s.
These jets will be used to keep Russian terrorists away from Ukrainian cities and towns.@MinPres Mark Rutte and I reached an agreement on the number of F-16s to be transferred to Ukraine once our pilots and…
— Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) August 20, 2023
Од почетокот на војната, Украина интензивно лобираше кај меѓународната заедница за да ги добие овие авиони и конечно ја надмина американската неодлучност во мај, кога претседателот Џо Бајден ги одобри програмите за обука на украинските пилоти на Ф-16. Во тој период, се надеваше дека обуката ќе започне „во наредните недели“.
F-16 Fighting Falcon е лесен борбен авион кој првично е произведен во 70-те години од минатиот век. Првпат беше воведен во употреба во 1979 година и беше интензивно користен од американските воздухопловни сили и во војните во Ирак и во Авганистан.
Г. Т.