Албанија денеска ќе претседава со седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации, а како што најави премиерот на земјата Еди Рама, фокусот на седницата ќе биде ставен на настаните во Украина.
Во видео-пораката снимена во Советот за безбедност, Рама оценува дека тоа е веројатно најважниот состанок за Украина од почетокот на „големата окупација од Русија“, јавија албанските медиуми.
Рама изрази надеж дека отворената дебата на високо ниво ќе го мобилизира светот во заеднички напори да се осуди војната и да се зголеми притисокот врз Русија, „да се смени курсот и да се направи простор за почеток на праведен мировен процес“.
На седницата треба да присуствуваат шефовите на држави и влади на членките на Советот за безбедност, како и пошироко, членки на Обединетите нации, вклучително и Украина.
„Бидејќи доаѓаме од регион каде војната предизвика огромно страдање, свесни сме за вредноста на мирот и огромните напори потребни за негово постигнување и, пред сè, за негово одржување. Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право ги поставуваат темелите на она што ние го нарекуваме човечка безбедност. Тие претставуваат раскинување со минатото, со традиционалната практика на доминација, наметнување или практика на моќните и правосилните. Тие обезбедуваат еднаквост меѓу државите и мирни средства за решавање на споровите“, нагласи Рама.
Затоа Албанија, заклучи тој, одлучи да ја истакне суштинската потреба од ефективно мултилатерално дејствување, како најдобро средство за решавање на заедничките проблеми, особено мирот и безбедноста.