Поранешната амбасадорка на Украина во Скопје, Наталија Задорожњук, преку емотивна објава на Фејсбук на македонски и украински јазик, на новинарот Џабир Дерала и министерката за одбрана Славјанка Петровска им честита за одликувањата од украинскиот претседател Володимир Зеленски и им се заблагодари за придонесот што го даваат за борбата на Украина.
„Сакам да ја споделам мојата радост со вас, моите пријатели. Многу сум ѝ благодарна на судбината што во мојот живот имаше и има професионалци на високо ниво и прекрасни луѓе – Министерката за одбрана на Северна Македонија Славјанка Петровска и познатиот новинар Џабир Дерала“, пишува поранешната амбасадорка Задорожњук.
Лесно е да се биде пријател кога работите се добри. Најтешко е да се биде вистински пријатели во тешко време, нагласува Задорожњук во објавата.
„Од самиот почеток на војната, Славјанка Петровска и Џабир Дерала не се двоумеа да ја изберат вистинската страна на историјата. Верувајте ми, во ситуацијата во која се наоѓаа тогаш беше многу тешко. Тие мораа да ги издржат нападите на бруталната руска пропаганда, да се борат против локалните руски прокси. Но, тие, без двоумење, смело и одлучно ѝ помогнаа нашата земја да опстане.
Ви благодариме многу и го цениме вашиот придонес за нашата Победа!
Можеби веќе малку го заборавив јазикот, но сакав да напишам на македонски за да ви ја пренесам мојата неверојатна благодарност и почит драга Славјанка Петровска и драг Џабир Дерала“, пишува Задорожњук.
Како што соопшти ЦИВИЛ, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со Указот број 556/2023 го одликува Џабир Дерала со Орден за заслуги, Со истиот Указ, со Орден за заслуги се одликувани и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и светски познатите актери, Ален Делон и Кетрин Денев.
На списокот на добитници на ова високо државно признание од Претседателот на Украина се наоѓаат и низа политички, научни и општествени дејци од целиот свет.
„Ова признание го доживувам како потврда за мојата работа и мојата посветеност кон обелоденување на вистината за трагичните последици од бруталната руска агресија против демократска и слободољубива Украина, наспроти жестоката пропаганда со дезинформации од кои страда и нашето општество. Сакам да се знае дека ова високо и за мене драгоцено признание го сметам како заслуга и признание за сите мои колешки и колеги во ЦИВИЛ, како граѓанска организација и како медиумска платформа, како и во Фронтлајн, каде што сум уредник. Ова високо одликување Претседателот на Украина е наша заедничка заслуга! Слава Україні!“, рече Дерала пред колегиумот кој се собра да му честита на својот колега.
Актуелната амбасадорка на Украина, Лариса Дир, вчера објави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски, на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, ѝ ја додели државната награда – Орден на принцезата Олга, од прв ред.
„Беше забележан личниот придонес за поддршката на државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Украина. Ви благодариме за силната помош!”, напиша амбасадорката Дир“.
Повеќе детали за официјалното врачување на одликувањата се очекуваат на почетокот на ноември.
Ј. Ѓ.