Лидерите на земјите од групата Г7 инсистираат на тоа дека нивната поддршка за Украина „никогаш нема да се поколеба“, дури и во услови на растечки тензии на Блискиот Исток, пренесува Би-Би-Си.
На состанокот на Г7 во Јапонија, министрите за надворешни работи на блокот рекоа дека признаваат дека Русија се подготвува за долга војна.
Тие повторија дека ќе продолжат да го поддржуваат Кијив на економски и воен план.
Во Токио, владите на земјите од Г7 – Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Канада и САД – како и претставниците на ЕУ, изјавија дека војната Израел-Газа не треба да го одвлекува вниманието од поддршката за Украина.
Во соопштението на јапонското Министерство за надворешни работи се вели дека лидерите се согласиле за потребата да се воведат строги санкции кон Русија и да продолжат да ја поддржуваат Украина, „дури и во денешната меѓународна ситуација“ – повикувајќи се на ситуацијата на Блискиот Исток.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен потенцираше дека блокот стои „обединет во осудата на руската војна“.
Подготви: Марта Пешевска