ЦИВИЛ со внимание и загриженост ги следи настаните поврзани со инцидентот во општина Чашка, при што реагирала полицијата, кога група граѓани (на 13 ноември) се обидоа физички да ја нападнат, односно да ја линчуваат директорката на основното училиште „Тодор Јанев“, Елена Николова, бидејќи се против отворањето паралелка на албански јазик.
Веќе трета недела, учениците од македонска етничка припадност ја бојкотираат наставата, во знак на протест против одлуката на Министерството за образование да се отвори албанска паралелка.
На овој инцидент му претходеше еден потпалувачки говор на пратеникот Игор Здравковски од ВМРО-ДПМНЕ, како и низа други изјави од политичари и јавни личности.
Здравковски на 14 ноември 2023 година, во предизборен занес, одржа говор во ноќните часови, како да е на предизборен митинг, пришто нагласи дека Македонците од Чашка не треба да отстапат ниту милиметар и да попуштат да се отвори паралелка на албански јазик во чиста македонска средина. Колегиумот на ЦИВИЛ го оцени овој говор – без заобиколувања – како фашистички.
„Тие (Албанците) тоа што го бараат е класично освојување на територија, во чисто македонско место, како по учебник, како што се случуваше во 97-ма година во Кичево, Гостивар, Тетово, така сакаат да спроведат и тука. Во чисто македонска средина треба да се учи само на македонски јазик“, рече пратеникот Здравковски.
Редакцијата при медиумската платформа на ЦИВИЛ ја отвори темата со панел дискусија на 14 декември, насловена: Ослободи го умот: Чашка – предизборни националистички сценарија.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, на панелот што се емитуваше во живо од прес центарот на организацијата, истакна дека во овој предизборен период може да се очекува пораст на меѓуетничките тензии кои ќе ги предизвикаат политичките ентитети во нашата земја, во обид да добијат политички поени, односно да ја мобилизираат гласачката машинерија која има националистички ставови и пристапи кон процесите на нашата земја.
„Тие ќе се обидат да внесат немир и страв во јавноста, меѓу луѓето. На тој начин, тие ќе придонесат и кон одбивање дел од гласачите, односно ќе работат на тоа да се намали излезноста на гласачите, бидејќи луѓето ќе бидат исплашени да излезат да го дадат својот глас, за разлика од политичките ентитети кои имаат дисциплинирана гласачка машинерија“, вели тој.
Дерала додава дека овој инцидент нема само изборен контекст. Според него, инцидентот треба да се гледа и во контекст на безбедноса и стабилноста на нашата земја, особено во поглед на евроатлантските интеграции.
Тој потенцира дека ова се добро подготвени операции кои, за жал, ги вклучуваат најмладите.
„Одредени политички ентитети, во недостаток од политичка понуда за подобар живот на граѓаните, ќе понудат национализам. Исто така ќе обработуваат за Кремљ против нашиот евроски пат“, рече Дерала.
Новинарот Зоран Иванов рече дека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Здравковски, со својот потпалувачки, националистички и предизборен говор, всушност се обиде да стане „херој на хероите на националистичкиот коњ“.
„Ова е класична политизација на група родители и класична злоупотреба на родителите и учениците за политички цели. Овој потпалувачки говор на Здравковски нека му служи на чест! – рече Иванов.
Иванов го проблематизираше начинот на кој пратеникот си дозволил да „интервенира“, односно да го политизира овој случај.
Родителите можеби се 100% во право или 100% во грешка, но факт е дека случајот се политизира. Пратеникот Здравковски во кое својство беше во општина Чашка? Освен што тоа место е дел од неговата Изборна единица и тој претендира да собира гласови. Меѓутоа, дали и Албанците не се негови гласачи, дали и тие не се жители на таа општина? Еве каде вирее национализмот, уште и ако ја информирал централата на ВМРО-ДПМНЕ и централата не го ‘потегна за уши’ да му рече ‘повлечи се остави ги институциите да си ја завршат работата’ – што бара полититиката таму“, вели Иванов.
Тој додава дека институциите затаија во овој случај, но и дека медиумите потфрлија и не даваат целосни информации.
Иванов нагласи дека, сепак, неуспешен ќе им биде обидот на политичарите да внесат национализам и сегрегацијата, бидејќи децата од различни етнички заедници, дури и да не учат заедно во исто училиште, сепак, тие живеат во иста општина, маало, улица, одат во ист маркет, на исти концерти…
„Голема е одговорноста на сите јавни личности, новинари, професори, политичари поготово, и треба да внимаваме какви пораки испраќаме. Зарем вака ќе ги воспитуваме децата – да се мразат меѓу себе!?“, рече Иванов.
Дерала вели протестите против отварање на албанска паралелка во училишта во Чашка, (претходно во Велес и Јурумлери, општина Гази Баба), потсетува на 90-тите кога штрајкуваа со глад одредени политички фигури кои и ден-денес се актуелни, против високото образование на сограѓан(к)ите Албанци, денес е уште пожестоко, протестираат против основното образование на нивните сограѓан(к)и Албанци.
„Ваквите наративи потсетуваат на едни мрачни времиња од времето на Слободан Милошевиќ, исто така потсетува и на најлошите времиња кои придонесоа за забавување на демократијата, заробување на државата и стопирање на било каков европски сон што мнозинството граѓани го имаат. Треба час поскоро да се мобилизира целото општество – да се стави крај, да го сопрат ова националистичко лудило, бидејќи тоа не води никаде освен кон страдања, поделби, сиромаштија и нестабилност“, истакна Дерала.
Тој додаде дека постојат демократски и законски начини да се сопре некој процес, како што се протести, петиции, меѓутоа ова е сосема поинакво сценарио, кое повикува на сегрегација, етнички поделби и екстремно политичко насилство.
Иванов заклучи дека родителите и едните и другите треба да помислат малку на своите деца кои брзо растат и треба тука да живеат заедно.
Дерала во свои име и во име на организацијата ЦИВИЛ, упати апел до родителите да им кажат на политичарите – кога ќе дојдат да ги вознемируваат – дека не се пожелни такви идеи, бидејќи Македонија е цивилизирана, демократска, европка држава со свои соништа. Тој порача дека повиците на насилство треба решително да се отфрлат, а институциите да се охрабрат да го спроведат словото на законот. Според Дерала, овде се работи за одредени политички ентитети кои вршат кривично дело, со ширењето на етничка, верска и расна омраза.
Од Министерството за образование и наука во одговор на вчера поставените прашања од ЦИВИЛ МЕДИА, денеска изјавија дека непотребно е мешањето на политиката во овој и слични случаи, затоа што со тоа се наштетува на најдобрите интереси на младите – а тоа е да имаат квалитетно образование достапно на својот мајчин јазик.
„МОН се заложува за овозможување на правото на образование на мајчин јазик за секој ученик, затоа што тогаш воспитно-образовниот процес е најефикасен и ефективен. Во посоченото училиште во Чашка е постапено согласно барањата на дел од жителите во населеното место и, имајќи предвид, дека сите останати услови се исполнети, а најважно е што постојат и просторни услови, како и обезбедени се средства од Министерството за финансии, се отвори паралелка на албански наставен јазик“, велат од МОН за ЦИВИЛ Медиа.
Од МВР за ЦИВИЛ МЕДИА велат дека „во врска со инцидентот во Чашка од страна на СВР Велес се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на случајот“ и апелираат до јавноста да се почитува јавниот ред и мир затоа што „секое нарушување ќе биде соодветно санкционирано“.
ЦИВИЛ МЕДИА побара став и од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, но до објавување на текстот не добивме никоков одговор.
ДЕХРАН МУРАТОВ / Цивил Медиа