Премиерот на Албанија Еди Рама денеска на лидерски состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан порача дека ова претставува голем тест на зрелоста што треба да го поминеме.
Тој посочи дека договорите кои сега се дел од Планот за раст и заеднички пазар, се дел и од Отворен Балкан и тоа што требаше да биде Берлинскиот процес, за што сите требало да бидат посериозни, но што тоа се претворило во дневна политика и игри на моќ не само во регионот, туку и во ЕУ.
-Кога зборев дека додека треба да чекаме ЕУ да не прими, ајде сите да се вклучиме, сите велеа, не, не. Ценетиот професор и поранешен премиер на Црна Гора, дури ми рече дека не може да се приклучат на процесот, бидејќи ќе се приклучат на ЕУ до 2025 година. Вистина, тоа ми го кажа и јас бев импресиониран, и му кажав, ајде прво ти приклучи се на ова, па ако се приклучите на ЕУ сите ќе ги затвориме нашите земји и ќе се приклучиме на Црна Гора. Така, влеговме во 2024 година и не сум информиран дека Црна Гора е во ЕУ, изјави Рама.
Затоа, нагласи Рама, многу сум возбуден од ова, бидејќи како што рече иронично, „да се биде мотивиран од конкретен чекор од ЕУ е нешто историско“.
-Затоа, извинете за мојот ентузијазам и оптимизам. Не сум глупав. Ви велам, навистина е добра причина да се биде оптимистичен денеска, откако синоќа имавме вечера, на која одеднаш сфативме дека можеме да имаме цивилизиран разговор и можеме да размислуваме за економијата и луѓето, без да ја имаме историјата меѓу секои два оброка, изјави Рама.
Според Рама, за Планот за раст да успее потребно е да имаат редовни средби.
-Ако сакаме да успееме министрите треба да ја заборават историјата и боите на знамињата и да ја гледаат само бојата на знамето на ЕУ. Техничката координација е особено важна и министрите за интегеграција на шесте земји од Западен Балкан треба да добијат јасна порака од политичките лидери – да бидат агностици кон историјата и далтонисти кон знамињата. Треба да ги заборават боите на нашите знамиња и единствено знаме, да се биде или не, е знамето на ЕУ, посочи Рама.