Вицепремиерот Бојан Маричиќ во своја објава на Фејсбук му изрази благодарност на премиерот, претседател и другар Димитар Ковачевски за тоа што во клучни моменти презел одговорност и лидерство во водењето на државата и во одржувањето на нашиот напредок на европскиот пат.
„Изминатите две години беа предизвикувачко и плодно патешествие во кое благодарение на премиерот Ковачевски државата не подлегна на енергетската криза и на заканите за ценовни шокови. Платите и пензиите пораснаа најмногу до сега. Успеавме да најдеме европско решение со Бугарија со кое почнавме преговори со признаен македонски идентитет и јазик низ ЕУ институцииите. Можеме гордо да кажеме дека обезбедивме меѓународно етаблирање на земјата како фактор на стабилност на Балканот во услови на тешка економска криза и војна во Украина“, потенцираше Маричиќ.
Тој додаде дека следуваат избори низ кои Ковачевски ќе ја води социјалдемократската и европската понуда и визија за иднината на државата.
„Го очекувам Ковачевски повторно на премиерската позиција во Владата во мај 2024, за заедно да ја оствариме мисијата за комплетирани преговори со ЕУ до 2028 и полноправно членство до 2030 година“, заклучи Маричиќ во својата објава.
Подготви: Марта Пешевска
Извор: ЦИВИЛ Медиа