„Без разлика на изборните резултати, ВМРО-ДПМНЕ нема да најде партнер во ниту еден од политичките блокови, доколку остане на позициите дека нема да оди во техничките измени на Уставот, а со цел членство на Северна Македонија во ЕУ“, вели во изјава за „Фронтлајн“, Џелал Хоџиќ – претседател на Странка на Демократска акција на Македонија (СДА).
– Никој од политичките блокови нема да сака да учествува во проектот на опозицијата од Северна Македонија да се прави нова Белорусија. А после десетици месеци активна блокада на патот на Северна Македонија кон ЕУ, ќе биде навистина тешко за ВМРО-ДПМНЕ да ретерира од позициите против „Бугарите во Уставот” и да објасни на јавноста што е тоа што се сменило за да ја смени политиката за 180 степени. Кој тогаш ќе треба да ја понесе одговорноста што ние за ова време не продолживме со преговорите со ЕУ?! Политичките партии кои се против продолжувањето на државата кон ЕУ, сами се изолираат од про-европскиот фронт, го намалуваат својот коалициски капацитет, вели Хоџиќ.
Политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски вели дека иако анкетите кои се пласираат во јавноста, укажуваат на предност на ДПМНЕ во однос на владејачката СДСМ, сепак постизборно, формира влада таа политичка партија/коалиција, која ќе обезбеди 61 пратеник.
– Доколку опстанат на своите тврдења и барања лидерот на ДУИ Али Ахмети и кандидатот на опозицијата за претседател во албанскиот кампус Арбен Таравари дека нема да прават коалиција со ниедна партија која нема да ги прифати уставните измени за внес на Бугарите во Уставот и отворање на преговорите со ЕУ, тогаш на лидерот на опозицијата му остануваат две опции: и како победник, да биде со пирова победа и да не ги прифати условите на албанските партии или пак да ги прифати уставните измени и да се нареди во редот на ,,предавниците” кои го „продале македонскиот идентитет, јазик и историја“, изјави Атанасоски за „Фронтлајн“.
Дестан Јонузи