Претседателските кандидати Доналд Трамп, републиканец и Камала Харис, демократка, излегоа синоќа на сцената во Националниот уставен центар во Филаделфија на дебата и се ракуваа. Многу набљудувачи претходно се прашуваа дали Харис и Трамп, кои никогаш не се сретнале, ќе се поздрават еден со друг.
Харис, која е потпретседателка на САД, му пријде на Трамп на сцената, му ја подаде раката и се претстави.
Во воведното обраќање таа се претстави како перспективен кандидат и рече дека на дебатата Трамп ќе оди со „истото излитено сценарио“.
-Јас верувам во амбициите, стремежите, соништата на американскиот народ, и затоа имам план за создавање на она што го нарекувам економија на можности, рече Харис.
Харис видно одлично подготвена за нивната дебата, речиси секој одговор го надополни со коментар дизајниран да го налути поранешниот претседател, пишува Си-Ен-Ен.
Таа му кажа на Трамп дека светските лидери му се смеат, а воените лидери го нарекоа „срамота“. Таа го нарече Трамп „слаб“. Му кажа дека бил отпишан од 81 милион гласачи – бројката што гласала за претседателот Џо Бајден во 2020 година. „Јасно е дека тој има многу тешко време да го обработи тоа“, рече Харис.
Трамп често беше надвор од контрола. Тој гласно и постојано инсистираше на тоа дека цела низа невистини се вистинити. Поранешниот претседател повтори лаги за широко распространета измама на изборите во 2020 година. Тој повторуваше теорија на заговор за мигрантите кои јадат домашни миленици и лажеше дека демократите поддржуваат абортуси по раѓањето на бебињата – што е убиство и нелегално насекаде.
Тој наслика страшна слика за Соединетите Држави, потсетувајќи на „американскиот масакр“ на кој предупреди кога беше инаугуриран во 2017 година.
Наместо да се занимава со прашањата што ги покренаа модераторите, вклучително и неколку кои Трамп ги смета за некои од неговите политички предности, поранешниот претседател Доналд Трамп продолжи со реториката од неговите митинзи обвинуваќи ги мигрантите тврдејќи дека мигрантите ги јаделе миленичињата на Американците.
Поранешниот претседател ја изнесе теоријата на заговор дека мигрантите од Хаити кои живеат во Спрингфилд, Охајо, јадат мачки и кучиња на луѓето. Тој во еден момент рече „во Спрингфилд, тие ги јадат кучињата. Тие ги јадат мачките. Тие ги јадат миленичињата на луѓето што живеат таму“.
Кога модераторот на ABC News Дејвид Муир истакна дека градските власти негирале какви било докази дека мигрантите во Спрингфилд всушност јадат домашни миленици, Трамп се дозакопа, велејќи дека „луѓето на телевизија“ го кажуваат тоа. Кога беше притиснат, Трамп само рече: „Ќе дознаеме“.
Кога дебатата се префрли на криминал, Трамп тврдеше дека криминалот во Соединетите држави е зголемен спротивно од остатокот од светот. И таму Муир истакна дека, според податоците на ФБИ, криминалот всушност се намалил во изминатите неколку години.
Трамп, повторно, се повика на теорија на заговор дека ФБИ е длабоко корумпиран и дека дава „измамнички изјави“. Тој тврдеше дека „тоа беше измама“.
Подоцна во дебатата, Трамп тврдеше дека изборите во САД се „хаос“ и тврдеше дека демократите се обидуваат да ги натераат недокументираните имигранти да гласаат на избори.
Харис ја критикуваше намерата на Трамп да ги зголеми царините на увозот на странски производи — таа го спореди овој предлог со данокот на продажба за средната класа — истовремено претставувајќи го својот план за обезбедување даночни олеснувања за американските семејства.
„Доналд Трамп ни остави највисока невработеност од времето на Големата депресија“, рече Харис, имајќи ги предвид годините на неговото претседателство од 2017 до 2021 година. „Тоа што го направивме е дека воведовме ред во хаосот што го создаде Доналд Трамп“.
Трамп ја критикуваше Харис за високата инфлација за време на владеењето на администрацијата на Џо Бајден, иако претеруваше за нивото на раст на цените.
На прашање за војната во Украина Трамп рече дека доколку тој останел претседател немало да дозволи започнување на војната и дека „Путин ќе се наоѓал во Москва, задоволен и среќен“.
Ова тој го кажа откако Харис го искритикува дека тој е поласкан од диктаторите како Владимир Путин или Ким Џонг-ун и не ја разбира американската одлучност да помога на сојузниците и партнерите во нивниот стремаж да го одбранат територијјалниот интегритет и суверенитет на Украина.
-Доколку останавте претседател Путин сега ќе беше во Кијив, рече Харис.
Трамп го пофали и Виктор Орбан и рече дека тој е силен лидер и дека сите се завртиле против него зашто Орбан ги поддржувал политиките на Трамп
Како што завршуваше дебатата, Харис доби уште едно „засилување“: музичарката и икона на поп културата Тејлор Свифт објави на Инстаграм дека ги поддржува демократите и дека ќе гласа за Камала Харис.
„Тејлор Свифт, дама без деца“ – повикувајќи се на контроверзните коментари на кандидатот на Трамп, сенаторот од Охајо, Џеј Ди Венс, кои отуѓија многу жени.
Камала Харис, го покани републиканскиот противкандидат, Доналд Трамп, на нова, втора предизборна дебата во октомври, помалку од еден час по завршувањето на првата дебата меѓу двајцата кандидати на ТВ Еј-Би-Си Њуз (ABC News).
„Под силните светла, американскиот народ го виде изборот со кој ќе се соочи оваа есен на гласачките места, помеѓу напредување со Камала Харис и уназадување со Трамп. Тоа го видоа вечерва и што треба да го видат на втората дебата во октомври“, се наведува во соопштението на кампањата на Камала Харис.
Како што додаваат од нејзиниот табор, Харис е подготвена за втората дебата, пренесе Еј-Би-Си Њуз.
Трамп, од своја страна, во првичната реакција на поканата рече дека демократите сакаат уште една дебата затоа што ноческа „изгубиле“, додавајќи дека ќе го преиспита предизвикот.
Фокс Њуз соопшти дека предложил одржување втора претседателска дебата во октомври, додавајќи дека се испратени писма до кампањите на кандидатите пред нивната синоќешна дебата.
Следната претседателска дебата не е закажана, додека дебатата меѓу потпретседателските кандидати Џеј-Ди Венс и Тим Волц ќе се одржи на 1 октомври.
Ј. Ѓ.