Скопје и Тирана може да се разделат во нивниот пат кон Европската унија (ЕУ). На 19 јули 2022 година двете земји ја одржаа првата меѓувладина конференција во Брисел, додека сега Европската комисија го закажа вториот состанок за месец ноември со Албанија.
Извршниот директор на ЕВРОТИНК, Димитар Николовски, во изјава за „Фронтлајн“ вели дека закажувањето на втората меѓувладина конференција со Албанија е дефинитивен индикатор дека и овој наш сосед повеќе ќе напредува во евроинтеграцискиот процес од нас.
– Иако комесарот Вархеји не ја исклучи можноста и Северна Македонија да има своја меѓувладина конференција, со оглед на односите со Бугарија, оваа веројатност е многу мала. Ова секако не значи дека, доколку во блиска иднина почнеме да ги отвораме кластерите, нема да ги стигнеме и Албанија, Црна Гора и Србија, со оглед на фактот дека имаме покажано добар напредок на скринзите. Но, во овој момент сè уште чекаме на формалното отворање на кластерите, нагласува Николовски.
Мојот впечаток, додава нашиот соговорник е дека моментално не постои спор со Бугарија кој би го решила евентуално постабилна влада таму.
– Од страна на нашата влада, има желба за ре-преговарање на условите за нашето зачленување во ЕУ, но во Бугарија ова прашање е затворено со францускиот предлог. Моменталните очекувања се дека повторно нема да има стабилна влада во Бугарија и после претстоечките избори. Но, и да се случи тоа, нереално е да се очекува дека постабилна влада би имала некаков поголем слух за барањата на нашата влада, и дека би „попуштиле“ за уставни измени со одложен рок, подвлече тој.
Дестан Јонузи