Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Додека демократските институции ширум Европа и светот се соочуваат со растечката закана од дезинформациите и последиците од хибридното војување, структурата на европската демократија е под закана. Освен конвенционалното војување и бруталните воени злосторства и уништување на цивилни цели во Украина, тековната кампања на Русија за дестабилизација на Западот се состои во инфилтрирање во економијата, политиката и општеството.
Светот ни оддалеку не е сведок само на руска воена агресија против Украина, за која се обидува да верува дека е само некое далечно бојно поле. Во тек е широка офанзива против демократијата како таква. Голем дел од демократската јавност сè уште не успева да ја сфати и прифати тежината на ситуацијата. Ова се последни мигови кога отворањето на очите пред стратешките, пресметани потези насочени кон самите основи на човековите права и слободи.
Дезинформациите како оружје: Моторот на хибридното војување на Русија
Дезинформациите се дел од основните елементи на руското хибридно војување против Западот. Социјалните мрежи и медиумите станаа ефикасно офанзивно оружје на руската пропаганда, преку која Кремљ го остварува својот глобален план за дестабилизација на демократиите. Оваа тактика, во комбинација со сајбер напади, економски и политички влијанија, и изборни манипулации, е клучен инструмент за создавање тензии, поларизација и хаос во западните општества.
Оние што сакаат да се убедат себеси и другите дека се релевантни и што, според учинокот, не се разликуваат многу од оние што се директно вплеткани во мрежата на операциите за влијание – како жртви или сторители – овој текст ќе го нападнат со „аргументи“ дека „авторот претерува и сее паника“. Начинот на дејствување на оперативните центри што управуваат со операциите за влијание е добро познат. По толку години доминација на дезинформациите, лажните наративи, националистичката, антизападна и проруска пропаганда во јавниот дискурс во земјата и регионот, повеќе ништо не може да ме изненади.
Не е големо откритие да се каже дека демократијата и човековите права се мета на операциите што имаат цел да доведат до нов поредок во светот. Ова е време кога фактите и вистината што се борат за здив зад тешките завеси од лаги што се главното оружје во хибридните напади против демократијата. Сега, повеќе од кога и да е порано, јавноста мора да се соочи со заканата против демократијата или барем да ги подотвори очите за тоа што го очекува „стариот континент“ во блиска иднина.
Нов поредок: Со искористување на демократските системи до уништување на демократијата
Руската пропаганда успешно се шири во Европа преку мрежи на дезинформации, лажни медиуми и пропагандистички инсталации кои работат, во некои земји во сенка, но во некои и сосема отворено како дел од доминантниот политички, академски и медиумски естаблишмент (Унгарија, Словачка, Србија, Северна Македонија, Бугарија и други). Овие мрежи до максимум ги искористуваат демократските системи, но всушност работат на уништување на демократијата. Преку поддршка на екстремистички и популистички политички партии, Русија создава клима на поларизација и општа несигурност во европските општества.
Русија има пошироки глобални цели – воспоставување на авторитарен светски поредок во кој демократијата и човековите права се подложни на постојан напад – до нивно целосно укинување. Тоа е свет каде човековите права и слободи се укинати, а демократските институции се заменети со репресивни режими под контрола на Кремљ.
Носителите на доктрините за нов светски поредок (Русија е само еден од аспирантите) – во кој индивидуата е само бројка и поданички елемент – се во долгогодишна офанзива да ги разнишаат, па и да ги уништат демократските принципи, човековите права и владеењето на правото. Накратко, да го уништат светот каков што го познаваме. Светот по падот на Железната завеса и официјалниот крај на Студената војна беше далеку од совршен, но имаше шанса, имаше визија и динамичен демократски натпревар на стратегии за јакнење на демократските вредности, планови за одржлива иднина на човештвото. До моментот кога таа визија беше предизвикана од авторитарните тенденции што демократскиот Запад (по сè изгледа) не беше спремен да ги види кога се појавија, туку се освести (не целосно) кога болеста веќе дојде до стадиум на метастаза.
Русија има пошироки глобални цели – воспоставување на авторитарен светски поредок во кој демократијата и човековите права се подложни на постојан напад – до нивно целосно укинување. Тоа е свет каде човековите права и слободи се укинати, а демократските институции се заменети со репресивни режими под контрола на Кремљ.
Ова не е теорија на заговор. Не се работи за еден центар или некој невидлив борд од моќници што управува со комплексните операции за поткопување на демократијата, стабилноста и мирот во светот. Не мора да значи ни дека меѓусебно се координираат, но последиците се токму такви – како да се во идилична хармонија и со иста цел – ставање крај на демократијата, самиот концепт на демократските принципи, вредности и стандарди, и фрлање на човековите права во заборав.
И покрај јасните предупредувања и доказите за агресивните намери на Русија, политичките елити во Европа продолжуваат да се двоумат и да реагираат несоодветно на размерите на заканата. Нерешителниот и бавен одговор ѝ овозможи на Русија да ги зацврсти своите инсталации во европските структури, а особено во политичкиот живот каде што се бележи силен пораст на радикални и ултрадесничарски политички ентитети. Во текот на изминатите години, Русија успешно ги искористи празнините и недоследностите во демократските системи, со силна поддршка на ултранационалистички и екстремно десничарски политички партии и групи за да ги ослаби политичките системи на земјите-членки на ЕУ.
Симптомите се, како што реков, видливи веќе одамна, но луѓето на клучни позиции во европските институции и водечки политички структури ги занемаруваат нивните причинители, се однесуваат како да се работи за обична настинка. За жал, дури и водечки светски институции и организации, медиуми, академија и граѓанско општество на настаните најчесто гледаат парцијално, како да немаат доволно капацитети да ги разберат за процесите што стојат зад настаните. Што е неприфатливо.
Европа е клучен простор каде што минатото, сегашноста и иднината на глобалните процеси се вкрстуваат, но истовремено таа зависи од и влијае врз процесите во други големи и моќни држави и региони кои ја обликуваат светската динамика. И тука доаѓаме до една констатација што изгледа дека веќе е на површината на светските збиднувања и процеси, но ретко кој, ако воопшто некој, го кажува тоа директно и како што, всушност, стојат работите. На повидок е војна: Русија против Европа и НАТО.
Подготовки за војна: Сѐ поизвесна закана од директен конфликт меѓу Русија и Европа
Да – војна меѓу Русија и Европа е повеќе од возможна. Особено ако Украина биде принудена да отстапи дел од својата територија во некој договор за „замрзнување на конфликтот“, што ни оддалеку нема да биде договор за траен и праведен мир. Планот за победа на украинскиот претседател Володимир Зеленски наиде на резерви кај западните сојузници и на силен отпор од Унгарија и Словачка (членки на ЕУ и НАТО), што ќе биде само една причина повеќе за руската агресивна политика да продолжи и да се прошири на други делови од европското тло. Едноставно, Кремљ нема да се задоволи само со „замрзнување на конфликтот“ во Украина.
Рускиот диктатор Путин е свесен дека европската завеса исткаена од корупција, нерешителност и разединетост во Европа во еден момент ќе падне. Затоа, тој продолжува да ја спроведува доктрината чија основна цел е да го дестабилизира Западот. Тој забрзано работи на поддршка на ултрадесничарски и неонацистички политички партии и групи, со цел да ја уништи демократијата. Неговиот план е да врати барем дел од „империјалната слава“ на Русија или, ако сакате, Советскиот Сојуз – кога руската чизма газеше голем дел од Европа. Унгарскиот авторитарен лидер, Виктор Орбан „заборавил“ на бруталната агресија на СССР врз неговата земја во 1956 година и на Чехословачка во 1968 година, како што потсети претседателката на ЕУ, Урсула фон дер Лајен во жестокиот говор во Европскиот парламент (9 октомври 2024).
Иако во европската јавност тоа не е многу видливо, факт е дека дел од Европа веќе се подготвува за можен воен напад од Русија. Бавно, но сигурно, војната со Русија станува сѐ поверојатна. За тоа говорат повеќе факти и аргументи, почнувајќи од руската воинствена реторика што се интензивира по почетокот на целосната воена агресија против Украина во 2022 година, односно кога стана јасно дека Западот овој пат нема да ја остави Украина сосема на цедило.
Официјален Кремљ постојано говори дека Русија не е во војна само со Украина, туку со „колективниот Запад“. Тоа не е само уште еден евтин пропаганден наратив со кој Путиновата диктаторска клика се труди да го оправда срамниот неуспех на тридневната „специјална воена операција“ што се претвори во исцрпувачка и брутална војна против Украина. Тоа е војна во која руската воена машинерија – светска супер сила (!?) – го извлекува подебелиот крај уште од почетокот на војната кога украинското тло го бранеше буквално rag-tag армија и неискусни доброволци.
Наративот за „војна против колективниот Запад“ е отворено признание и воедно закана со воена агресија против (дел) од европските држави. Руските пропагандисти редовно повикуваат да се нападнат главните градови на најголемите држави во Европа, Лондон, Берлин, Париз и други. И самиот руски државен врв повеќе пати му се закани на Западот, меѓу другото и со нуклеарно оружје. Интензивна е руската воинствена реторика и конкретните закани против Полска, прибалтичките држави, Скандинавија и други држави во Европа.
На руската листа од „непријателски“ држави се 47 држави и територии, според извештајот на руски ТАСС од 20 септември 2024.
Европската Унија е на руската листа од „непријателски држави“ со исклучок на Унгарија и Словачка, каде што владеат политички структури на чело со проруски автократи. Меѓу членките на НАТО што не се на листата е и Турција. Меѓу „непријателските држави“ се и сите држави на Балканскиот Полуостров, со исклучок на Србија, што е сосема очекувано.
Дремежот на политичките елити: Европа е бојно поле на континуирани и комплексни операции и хибридни тактики
Непобитен е фактот дека Европа е бојно поле на континуирани и комплексни операции и хибридни тактики што ги спроведуваат непријателите на демократијата – многу подолго отколку што тоа политичките елити сакаа да признаат.
„Неутралците“ и приврзаниците на Чомски би рекле дека руската агресорска политика е одговор против западниот „империјализам и воен интервенционизам“ и слично, но тоа е, во најмала рака, релативизирање и whataboutism. Во меѓувреме – додека Европа се занимава со демократска дебата, а уште повеќе со себе – Русија и нејзините отворени и премолчани (притаени) партнери и агилни прокси играчи решително ги спроведуваат своите пропагандни, разузнавачки, субверзивни, економски, и хибридни операции.
Времето на дипломатски флоскули е (речиси) минато. Работите така стојат и, ако воопшто има место за дискусија, треба да тргне од таа точка (на вриење).
Во контекст на европскиот политички дремеж, мора уште еднаш да се нагласи долготрајноста и подмолниот карактер на руските хибридни операции. Руската хибридна агресија на европско тло се одвиваше и сѐ уште се одвива преку добро разработени мрежи кои вешто и ефикасно ги користат демократските стандарди и (да!) европските јавни пари – во своја корист. Тие со децении се вгнездуваат во демократските системи и го менуваат однесувањето на луѓето, најчесто користејќи ги токму јавните пари на даночните обврзници во демократските општества на Западот. Но тоа за Кремљ никогаш не било доволно.
Наративот за „војна против колективниот Запад“ е отворено признание и воедно закана со воена агресија против (дел) од европските држави. Руските пропагандисти редовно повикуваат да се нападнат главните градови на најголемите држави во Европа, Лондон, Берлин, Париз и други.
Русија прави конкретни подготовки за војна со Европа и НАТО: Воен судир најдоцна до 2029 година
Одамна е јасно дека Русија спроведува забрзани операции за преструктуирање и зголемување на армискиот потенцијал за воен конфликт со НАТО. Наспроти санкциите од ЕУ, САД и други земји на Западот, руската економија, по првиот шок, успеа да се одржи, па дури и да забележи раст. Тоа се случува, меѓу другото, како резултат од преструктуирањето во воена економија, за да го одржи крвавото насилство против Украина и – во перспектива – да води војни против други европски држави.
Уште во деновите по првата воена агресија против Украина во 2014 година, беше вклучен алармот во НАТО структурите. Но далеку од доволно, бидејќи политичките елити во ЕУ продолжија да се нишкаат во идиличната прегратка на Путин. Тоа подразбира длабоко коруптивно, пропагандно и субверзивно дејствување на Кремљ длабоко во порите на европските политички и општествени, па и одбранбени структури.
Како и да е, НАТО, кое до 2014 година беше задремана алијанса, почна да ги збива своите редови, се разбира постојано соочувајќи се со политички структури што го попречуваат темпото на јакнење на одбранбените капацитети. Сега, кога тече и третата година од почетокот на целосната руска агресија против Украина, ситуацијата е значително променета.
Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, на седница на Бундестагот за пратенички прашања во мај (2024), отворено рече дека Бундесверот (германските оружени сили) има обврска да се подготви за војна до 2029 година.
Прибалтичките земји, кои добро знаат што значи руска агресија и окупација, почнаа со засилени подготовки за одбрана истиот момент кога почна првата агресија против Украина во 2014 година.
Естонија е една од тие држави. Малата земја, со само 1,3 милиони жители, која својата независност ја стекна во 1991 година, отсекогаш го смета својот поранешен окупатор како „егзистенцијална закана“. Премиерката Каја Калас, во интервју за лондонски Тајмс на 15 јануари, изнесе проценка дека Европа и НАТО имаат „три до пет години“ да се подготват за војна со Русија.
И самиот руски државен врв повеќе пати му се закани на Западот, меѓу другото и со нуклеарно оружје. Интензивна е руската воинствена реторика и конкретните закани против Полска, прибалтичките држави, Скандинавија и други држави во Европа.
Балтичките земји се пример за пркос и слободарство, но и искреност и солидарност. Иако е една од најмалите членки на НАТО, Естонија предничи во висината на процентот од БДП што го одвојува за воена помош на Украина. Воената помош на Естонија за Украина достигна 3,6 отсто од БДП. Според овој критериум, Данска е втор најдарежлив донатор, со 2,4 отсто. За споредба, помошта на САД за Украина изнесува 0,32 отсто од БДП, според истражувањето на данскиот Институт за светската економија во Кил.
Великодушноста на Естонија има историски корени. Само во текот на 20-от век, Советскиот Сојуз два пати ја нападна Естонија која својата слобода ја извојува од Москва во 1991 година. Естонија не се подготвува за случај „ако“, туку „кога“ Русија ќе нападне. Со оглед на тоа колку е мала, постои веројатност токму оваа земја да биде прва или меѓу првите жртви на Кремљ во случај на нова војна на европско тло.
Затоа, трите прибалтички држави, Естонија, Летонија и Литванија на почетокот на 2024 потпишаа договор за создавање заедничка балтичка одбранбена линија против сѐ поизвесните руски напади. На почетокот на октомври, Литванија распореди мини и противтенковски бариери – метални „ежови“ и бетонски „змејски заби“ – на мостовите што ја поврзуваат со руската ексклава Калининград, а веќе се спроведува и планот за распоредување на опрема за контрамобилност низ целата земја и на пристапите кон трите аеродроми. Овие мерки се само почеток на подготовките за одбрана од руска агресија. Според естонското разузнавање, руската армија планира стационирање на 40,000 војници во близина на границата со прибалтичките држави.
Прибалтичките земји, кои добро знаат што значи руска агресија и окупација, почнаа со засилени подготовки за одбрана истиот момент кога почна првата агресија против Украина во 2014 година.
Критични точки: Авторитарните режими на Унгарија и Словачка и нивното дестабилизирачко влијание
Од друга страна, земји како Унгарија на Орбан и Словачка, на чие чело во 2023 година дојде ултрадесничарот Роберт Фицо, претставуваат закана за одбранбената структура на Европа и НАТО. Особено ако се земе предвид дека Орбановата Унгарија е, практично, сателит на режимот во Кремљ, стравувањата на командата на НАТО се повеќе од легитимни. Ова особено се однесува на сомнежот дека во случај на воен конфликт, Унгарија нема да ги исполни своите обврски според член 5 од Вашингтонската спогодба за колективна одбрана, се оценува во анализа на Институтот Роберт Лансинг. Сѐ поотворени се дебатите околу тоа дали Унгарија воопшто заслужува да биде дел од евроатлантските структури.
Оваа ситуација станува дотолку посложена, затоа што Унгарија има силно влијание и во регионот на Западен Балкан. На оската Москва-Будимпешта, освен Братислава со Фицо, одамна ѝ е приклучен Белград, а од неодамна, кон таа оска почна да гравитира и официјално Скопје, по смената на власта на изборите во мај. Будимпешта воедно претставува и канал за кинеско влијание, иако тоа засега е ограничено на зголемено економско (со големи кредити) и помеко пропагандно и политичко влијание.
Паралелно со воените подготовки, во еден дел од земјите членки на НАТО, како што се прибалтичките држави, Финска, Молдавија и неколку други, веќе одамна постои јавна свест за руската закана. Но во повеќето земји на Европа, оваа тема неволно се отвора во пошироката јавност, се разбира, и поради опасноста од паника. Особено ранливи во овој контекст се земјите во регионот на Западен Балкан, каде што руските операции на влијание се длабоко навлезени во сите јавни, политички и економски сфери.
Остварувањето на сите овие сценарија во голема мера зависат од степенот на спроведување на Формулата за мир, како и на Планот за победа кои ги нуди украинскиот претседател на западните сојузници и на светот. Јавноста во западноевропските земји, но и пошироко во светот, не е доволно или не сака да биде запознаена со деструктивните потенцијали на Кремљ кој, без оглед на тоа колку срамни порази доживува на фронтовите во Украина, сѐ уште има големи резерви ракетно и друго вооружување, како и милионска маса од топовско месо. На тоа треба да се додадат и државите кои отворено ја помагаат руската воена агресија со оружје, муниција и технологии, како Иран и Северна Кореја, а донекаде и Кина, како и други држави.
Понатаму, руската воена агресија на други земји во Европа нема да биде осамена операција. Западен Балкан останува експлозивен регион кој и без тоа може да биде зафатен од безбедносна криза. Во случај на отворање ново воено жариште во Европа, извесно е дека на површината ќе избијат разни „неплатени долгови“. БиХ ќе се соочи со територијално редефинирање кое нема да заврши без пролевање крв, а повеќе од возможно е и „раздолжување“ меѓу Србија и Косово. И нема да остане само на тоа.
Според естонското разузнавање, руската армија планира стационирање на 40,000 војници во близина на границата со прибалтичките држави.
Перспективи: Не е доволно само да се признае постоењето и близината на опасноста – активното спротивставување на агресијата е императив
Европа се наоѓа во сѐ поголема неизвесност. Додека демократската јавност во ЕУ земјите е преокупирана со дебатирање, Кремљ и нејзините сојузници и прокси актери во самата ЕУ и надвор од неа продолжуваат со хибридните операции за дестабилизирање. Веќе не е прашање дали Европа ќе се соочи со директен конфликт со Русија, туку кога. Не е доволно само да се признае постоењето и близината на опасноста. Активното спротивставување на агресијата е императив. Тоа, меѓу другото, подразбира и решителен и забрзан процес на јакнење на демократската отпорност, интензивна и искрена меѓународна соработка и посветеност кон вистината. Глобалните лидери, институциите и граѓаните имаат историска одговорност да го отфрлат самозадоволството и да ги зајакнат демократските вредности, максималното почитување на човековите права и да ги негуваат и јакнат правдата, правичноста и владеењето на правото кои се основа за стабилно, безбедно и мирно општество. Не е веќе прашање дали демократскиот дел од светот ќе успее во тоа или не, бидејќи ако не успее – светот каков што го знаеме ќе исчезне.
Имено, изборот што го прават политичките, интелектуалните и граѓанките лидерите во светот денес, ќе ја обликуваат не само нашата непосредна иднина, туку и светот што го наследуваат нашите деца. Ако демократските сили во светот не успеат да најдат начин да дејствуваат веднаш, решително и посветено, последиците ќе бидат страшни. Набрзо целиот свет ќе потоне во мрак, каде што силите на репресијата, со помош на дезинформациите и пропагандата ќе ја контролираат мислата и однесувањето на луѓето. Демократијата ќе стане минато.
Уште потешко прашање е дали демократскиот свет е подготвен за директен судир со Русија. Од суштинско значење е да се разбере дека одбраната од руската агресија, хибридна или воена, се состои во единството, решителноста и заживувањето на борбата за одбрана на демократијата и човечкото достоинство од авторитарниот бран што го зафати континентот. Времето на самозадоволство и илузијата на неранливост на Западот одамна е поминато. Ако Западот не ги мобилизира сите капацитети за одбрана на демократијата, истовремено со подигнување на готовноста за одвраќање и одбрана од директен воен судир со Кремљ, наскоро може да открие дека војната е изгубена пред и да започне.
Цената на ерозијата ќе ја платат идните генерации. Тие се во опасност да наследат свет во кој слободата, не само што веќе не е загарантирана, туку е само далечен спомен.